Време е за Ел Класико, најголемото фудбалско дерби

3 mins read

Без разлика на формата и резулатите на Реал Мадрид и Барселона, Ел Класико е најочекуваното фудбалско дерби.

Познато по својата традиција, историја и страст, фудбалските мајстори со топката, популарното Ел Класико, односно дуелот помеѓу Реал Мадрид и Барселона, вечерва (21 часот) ќе „ги залепи“ фудбалските фанови пред ТВ екраните.

Од оваа сезона и официјално заврши ерата на Кристијано Роналдо и Лионел Меси во Ел Класико, односно најавата на крајот на големото ривалство помеѓу двајцата најдобри фудбалери во 21 век започна со заминувањето на Роналдо во Јувентус во 2018 година, а дефинитивниот крај дојде со заминувањето на Меси во ПСЖ минатото лето.

Шокот по заминувањето на Роналдо од „Сантијаго Бернабеу“ беше голем но Реал успеа да се созеде и многу брзо се врати на патеките на успехот, сезонава се наоѓаат пред освојување на титулата, додека падот на Барселона по заминувањето на Меси беше преголем.

Лошите резултати на каталонскиот тим започнаа уште додека Меси беше таму, по освојување на титулата во Ла Лига во 2019 година, на виделина излегуваа матните игри на сега веќе поранешниот претседател Хосеп Марија Бартомеу кој го внесе клубот во минус од неверојатни 1.5 милијарда евра.

Последиците можеа да бидат полоши по заминувањето на Меси, бидејќи на почетокот од сезонава Барса изгледаше загубено. Ново-стариот претседател Жоан Лапорта иако екипата немаше ниту игра ниту резултати, долго време не сакаше да го шутне Роналд Куман.

Сепак, по неколкумесечно двоумење Лапорта го избрка Куман и донесе одлука Барселона да се врати на своите корени, да се инсистира на популарниот стил на игра и да им се даде шанса на младите фудбалери кои потекнуваат од славната Ла Масија.

Задачата да започне ренесанса на „Камп Ноу“ ја доби легендарниот капитен Чави Ернандез кој лекор по чекор ја враќа Барселона на старите патеки. Во зимскиот преоден рок ги донесе Феран Торес, Пјер-Емерик Обамејанг, Адам Траоре како и ветеранот Дани Алвеш. Чави досега ја предводеше Барса на 24 натпревари во сите натпреварувања и забележа 13 победи, седум нерешени и четири порази и екипата се наоѓа на третото место на табелата.

Во меѓувреме, додека Каталонците го бараа излезот од кризата, Реал Мадрид под водство на Карло Анчелоти сигурно чекори кон титулата, „кралевите“ се лидери на табелата со 66 бода, десет повеќе од второпласираната Севиља.

На последните пет Ел Класика славеше Реал Мадрид, Последниот го играа во Суперкупот и Реал победи по продолженијата. Претходно победи со 2:1 на „Камп Ноу“, а минатата сезона во меѓусебните пресметки славеа со 2:1, 3:1 и 2:0.

Вечерашното Ел Класико и двете екипи го дочекуваат во одлична форма, Реал Мадрид е непоразен во последните осум натпревари во Ла Лига додека Барселона нема пораз на последните десет гостувања во Ла Лига што е најава за фудбалски спектакл вечерва иако „кралевите“ ќе мора да играат без својот најдобар играч Карим Бензема.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Принцезата Шарлин плаќала 43.000 евра неделно во клиниката во Швајцарија: Ова е скриеното засолниште на богатите

Следно

Малолетник од Скопје приведен поради уцена

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian