Активни 2016 случаи на ковид-19, почнува карван за вакцинација

3 mins read

Активни ковид-случаи во земјава има 2016, над половината (1087) се во Скопје, а трицифрени бројки сега имаат само Прилеп (144) и Битола (129). Во вкупниот број активни се и новите 273 потврдени случаи во вчерашната статистика на Институтот за јавно здравје. Претстојнава седмица се очекува Главниот кризен штаб да ги одобри новите препораки на Комисијата за заразни болести, а Владата на седница да ги усвои.

Комисијата препорача учениците од основните училишта да бидат ослободени од задолжително носење заштитни маски, а мерката да остане да важи за наставниците и техничкиот персонал.

Покрај ова,  на состанок во средата Комисијата препорача и капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри и кина, да се зголеми од 50 на 75 проценти и да се укинат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.

Од Комисијата за заразни болести соопштија дека мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба и доколку таа се влоши и се зголеми ризикот, може повторно во сила да се вратат истите мерки.

Фокусот е на вакцинирањето и нејзино рекламирање, како најдобар начин и клучна алатка за справување со пандемијата. Според претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски, дава резултати праќањето СМС-пораки до граѓаните со кои тие се  потсетуваат за корисноста од вакцината и затоа, рече тој, на тоа ќе се насочат интензивно – најпрво кон луѓето што се во поголем ризик, а потоа и кон сите што примиле втора доза доколку оттогаш поминало подолго време.

– Во моментот стандард за најдобра заштита е три дози на вакцина и тоа интензивно, интензивно ќе го објаснуваме, истакна Петличковски.

Од утре ќе почне и карванот за антиковид-вакцинација кој до 3 април ќе помине во 14 општини и населени места: Шуто Оризари, Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред Ист гејт мол), Куманово, село Матејче во Липково, Арачиново, село Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, село Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга.

Карванот ќе  го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.

Четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Оние што се вакцинирани во странство, пак, на локациите ќе може да се евидентираат во системот „МојТермин”.

Покрај карванот за вакцинација, кој ќе биде активен во наредните две недели, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат во здравствените домови низ државава. Министерството за здравство соопшти дека  располагаат со доволно количини вакцини и нагласува дека тие се безбедни и се најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 20 март: Децата ќе ви донесат и радост и нервоза

Следно

Денес сончево и студено, од другата недела следат нагли промени

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian