Функционерите не даваат да им се чепне од платата

4 mins read

Мојата плата е 70.000 денари и во животот не сум работел за помала плата. Минималната плата ја покачивме на 18.000 денари, ги покачивме и пензиите. Покажуваме грижа за граѓаните. Зошто треба намалување на платите на функционерите – прашува Артан Груби.

Експертите се поделени околу идејата за кратење на платите на министрите и другите државни функционери поради економската, енергетската и здравствената криза. Додека едни сметаат дека ова е остварливо и може лесно да се спроведе само со владина одлука, ако постои политичка волја, други го гледаат како популистичко и неосновано барање.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека оваа теза е парадоксална.

– Мислам дека тезата е парадоксална или подобро кажано е фолклорна и популистичка – се бара зголемување на сите плати, вклучително и на јавниот сектор поради зголемените трошоци за живот, а кај функционерите се бара тие да се намалат? Зошто треба да се намалат, дали се високи? Тие се најниски на Балканот! Затоа, без да навлегувам во модалитетот како може тоа да се направо, сметам дека е неразумно и несериозно – изјави Беџети за „Слободен печат“.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели државата има механизми за контрола, но мора да ги стегне за да се почитуваат препораките за штедење.

– Aко се има добра волја, не политичка, туку добра волја, кога станува збор веќе за хуманост, може Владата да донесе одлука сите носители на јавни функции дел од платите да вратат во буџетот, со тоа што тие пари би биле строго наменски за избавување и олабавување на постојната криза – изјави Давитковски за ТВ Телма.

Од Владата велат дека не може да се намалат платите затоа што тоа е спротивно на Законот за работни односи и тоа мора да се прави претпазливо. Првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека често се разговара за платите за министрите и пратениците, кои не се пораснати одамна.

– Многу се помали од платите на директорите на претпријатија во јавниот сектор. Мојата плата е 70.000 денари. И во животот не сум работел за помала плата, кога сум работел во приватниот сектор, и ова ми е најмала плата откако сум во политиката. Минималната плата ја покачивме на 18.000 денари, ги покачивме и пензиите. Покажуваме грижа за граѓаните. Оваа влада докажа дека е способна да се справи и да менаџира со кризата. Министер во Северна Македонија зема најмала плата во целиот регион. Зошто треба намалување на платите на функционерите? Ова е површен начин за забавување на јавноста. Ако има потреба, ќе ги скратиме платите – вели Груби.

Владата донесе 26 мерки за ублажување на последиците од кризата предизвикана од руската инвазија на Украина и пресмета дека ќе чинат 400 милиони евра. Владата ги задолжи министрите и директорите да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти. Нема да смеат да набавуваат мебел и возила без согласност од Владата, а ќе можат да трошат за 50 проценти помалку за репрезентација, спонзорства и реклами и помалку да ги користат службените возила. Од функционерите се бара да го намалат и бројот на службени патувања, како и бројот на членови во делегациите при патувања во странство.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Голчиште на Алиоски, но неговиот Ал Ахли загуби

Следно

Дневен хороскоп за 19 март: Финансиската несигурност ќе ви создаде стрес

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian