Видеоигрите не се само губење драгоцено време од животот на вашите деца: Еве зошто

7 mins read

Зошто кога помислуваме на модерните деца, прва асоцијација ни е дека се „залепени“ за компјутер, дека залудно го трошат времето, дека играњето видео-игри им го одвлекува вниманието од реалниот свет?

Веројатно затоа што не ги знаеме сите аспекти од таа нивна инволвираност и желба да се биде дел од една поинаква, дигитална заедница.
Во прилог на темата, од Ideas.ted.com извлекуваме една интересна приказна која ја раскажува современа мајка, говорник – Кара Лејн, која го објаснува целиот овој феномен низ призмата на една загрижена мајка – што ли прават моите синови толку време со очите вперени во компјутерот?

Таа раскажува како кога ги викнала на вечера, не добила одговор. Во лутината, затоа што знаеме како родителите знаат да инсистираат кога е дојдено времето за јадење, Кара влегува во нивната соба и го исклучува копчето за вклучување на конзолата за игри.

Крај на светот – така го опишува расположението на своите деца. Лути и вознемирени, децата мораат да го послушаат родителот, но и тој нив.

Кара вели „Таа вечер избрав да бидам љубопитна наместо да ги критикувам и ги прашав: Зошто видео игрите ви се толку важни? И тие беа изненадени што ги прашувам.

Тие рекоа: „Мамо, сите што ги знаеме играат видео игри“.

И не претеруваат. Според Здружението за софвер за забава, речиси 2,5 милијарди луѓе на планетава се гејмери. („Гејмер“ е едноставно некој што игра видео игри). Тоа е приближно една третина од човештвото.

Нејзините синови и помогнале да открие цел свет за кој таа не знаела ништо. Играњето денес е поврзано, вмрежено со повеќе играчи, интерактивно и забавно искуство. Полно со конкуренција, стратегија, загатки, решавање проблеми, логика. Сето тоа се добри работи, зарем не? Исто така, полн е со социјални разговори, култура, историја, музички референци, дијалог, уметност, морални избори кои играчот мора да ги направи, а вие реално сакате вашите деца тоа да го научат. Играњето секако има философија, стратегија – која е во суштина неверојатна вештина за современиот свет. Замислете си да читате навистина добра книга или следите спортски настан, но овојпат да можете да манипулирате во него, да се натпреварувате, или да комнуницирате. Тоа е всушност модерната видео игра.

Момчињата продолжиле со „лекцијата“. Ја прекориле мајка си дека кога ќе ја исклучи некој играта, играчите добиваат „суспензија“, односно дека во видео играта постои одговорност, и не може да паузирате кога ќе посакате.

Луѓето често ги нарекуваат гејмерите „осамени“ или „губитници“, затоа што „живеат“ во другата, виртуелна реалност. Според синовите на Кара, ова е длабока навреда, затоа што тие всушност запознаваат еден куп нови пријатели, зборуваат со нив на различен јазик и со нив комуницираат како со секој друг пријател. Преку овие директни разговори на мајката со своите синови гејмери, заклучокот е дека ним тоа им е важен дел од социјалниот живот, како што нам ни е важно да сме во комуникација со луѓе на месинџер, вибер, и слично. И тоа е нели, некаква виртуелна врска?

Во игрите, постојат нивоа и лиги, награди кои треба да се „освојат“, па тоа ако е важно за вашето дете, пробајте да биде важно и за вас. Во смисла, ако иднината на видео игрите е потребна за да се разбере и подобри светот, би било одлично да знаеме што сакаат нашите деца.

Д-р Крис Хаскел, вонреден клинички професор и главен тренер за е-спорт на Државниот универзитет во Боиз конкретно бара гејмери кои имаат цели и се подготвени  да се подобрат во својата игра. Всушност, сега многу колеџи даваат стипендии за е-спорт, а војската и другите индустрии користат симулации од типот на видео игри на своите работни места.

Гејмингот може да се третира како спорт со практики, па затоа ако вашето дете гејма, дозволете му да ја заврши играта, но истовремено грижете се неговите тековни обврски да бидат завршени. Игрите го вмрежуваат целиот свет со заедничкиот јазик и тимската динамика. Младите гледаат како други млади играат видео игри. Но, и еве погледнете и самите околу себе. Познавате барем еден човек кој гејма. Ако не и повеќе. Исто така, кога гејмерот гледа друг гејмер како игра, тоа е учење и обид да се добијат совети и трикови за подобрување на играта.

unsplash
Видео игра/Unsplash

Кара притоа зборува за тоа како кога интервјуирала неколку искусни, постари гејмери, во врска со нивните почетоци и како сето тоа го примиле нивните најблиски, најчестиот контекст е дека родителите и роднините се критични, гејмингот го сметаат за губење време и тоа создава затегнати семејни врски, дури и отуѓување. Се поставува прашањето – колку различните интереси и трансгенерациски недоразбирања може да бидат надминати само ако покажете интерес, наместо критика? Вистина е дека постои загриженост за онлајн комуникацијата и други прашања, но затоа е важно да се вклучите во животот на вашето дете-гејмер. Отворениот дијалог за онлајн однесувањето, предизвиците и слабостите, е можност за зближување и надминување на тие постоечки стравови.

Советот не е исклучиво посветен кон родителите. Тоа е за сите генерации, училишниот кадар, луѓето во вашето најблиско опкружување: Бидете љубопитни за интересот на вашето дете, ученик, внук. Започнете разговор со наједноставните прашања околу игрите.

Кои игри ги играте?
Зошто уживате да ги играте?
Може некогаш да те гледам додека играш?

Прифатете ги игрите како дел од животот на вашето дете – затоа што тоа ним им значи, а ќе ви значи и вас кога ќе дознаете повеќе.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Борисов излезе од притвор: Се плашам дека може да ме убијат

Следно

Директорот на мастерсот во Монтреал не ја затвора вратата за Ѓоковиќ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian