Сопствениците на рудникот Бучим се вмешани во меѓународен скандал тежок две милијарди долари

3 mins read

Швајцарската компанија „Солвеј инвестмент груп“, чиј основач е руско-естонскиот бизнисмен Александар Бронштајн, а во земјава го поседува рудникот „Бучим“ кај Радовиш, е дел од меѓународен скандал за перење пари тежок близу две милијарди долари, пишува „А1он“.

Приказната ја открија репортерите на меѓународната истражувачка мрежа ОЦЦРП, кои веќе две недели објавуваат детали од скандалот, наречен „Рударски тајни“. Според извештаите, „Солвеј“ и 23 компании поврзани со групацијата, во периодот меѓу 2007 и 2015 година направиле стотици сомнителни трансакции заведени како заеми, во вредност од 1,9 милијарди долари.

„Записите покажуваат дека некои од компаниите ги пренесувале помеѓу себе или извршиле неколку плаќања во истата недела или ден цитирајќи исти или слично именувани договори“, се вели во новинарските извештаи за скандалот.

Експерти за перење пари потврдуваат дека тоа се трансфери кои предизвикуваат сомнение, бидејќи е нејасно зошто некои од компаниите истовремено и давале и земале заеми.

Не е јасно од каде потекнуваат парите, ниту зошто „Солвеј“ на тој начин ги преместувал од една на друга сметка. Прегледот на стари банкарски записи од претходните истраги на ОЦЦРП покажува дека вкупно 23 компании поврзани во рударската групација имале трансакции со други компании, кои се користеле во руски даночни затајувања и скандали со перење пари.

Компанијата „Солвеј“ негира дека е вклучена во незаконски трансакции, тврдејќи дека дејствува строго во согласност со важечките национални закони и меѓународните регулативи.

Фото: Бучим/Јутјуб/принтскрин

По објавувањето на приказните од проектот „Рударски тајни“, на почетокот на месецот, „Солвеј“ објави соопштение во кое ги отфрла обвинувањата и вели дека компанијата ги напуштила сите свои инвестиции во Русија.

„Солвеј инвестмент груп цврсто ги отфрла обвинувањата за перење пари и корупција. Ниту едно обвинение не било поведено против нас од страна на никакви финансиски и регулаторни тела“, велат од компанијата.

Слично соопштение до нашите медиуми испрати и рудникот „Бучим“. Во него се демантира дека капиталот во рудникот е со руско потекло, откако некои дел од македонските медиуми објавија таква информација. Тоа што управители на „Бучим“ се лица со руско државјанство не значи дека компанијата е руска, тврдат од Бучим. Во истото соопштение, рудникот извести дека се прекинати сите инвестициски и оперативни активности во Русија и го осуди рускиот напад на Украина.

„Солвеј инвестмент груп“, според достапните податоци, освен во земјава, работи и во Украина, Гватемала и Индонезија. Рудникот Бучим го купи во 2005 година и тврди дека во него досега инвестирала 78 милиони евра.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Манчини го објави списокот за дуелот со Македонија, отпадна Балотели

Следно

Ѓорѓиевски: После две децении, обезбедено е комбе за транспорт за градинката „Весели цветови“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian