Се искасапи буџетот благодарение на кој 15 години ниеден сексуален работник или корисник на дрога во земјава нема ХИВ 

7 mins read

Со давање кондоми, шприцеви и лубриканти на најмаргинализираните заедници, се спречува во иднина здравствениот систем да биде оптоварен и се спасуваат човечки животи. Преку едукациите за тоа како се пренесува ХИВ вирусот и тестирањата, се мотивираат граѓаните да влезат во програми за лекување, со што се намалува ризикот од пренос на ХИВ. Сето тоа е опфатено во рамките на програмите за намалување на штетите кои се во опасност да згаснат, затоа што Министерството за здравство преку ноќ реши да ги скрати парите за граѓанските здруженија за овие намени, со што се доведуваме во ризик како држава да имаме повисок број на заразени со ХИВ.

Вака директорката на ХОПС, Хајди Штерјова Симоновиќ ги објаснува последиците кои поради неоснованото кастрење на буџетот ќе се рефлектираат на лицата кои живеат со ХИВ, корисниците на дроги, сексуалните работници, но и на сите други граѓани кои се во ризик да бидат ХИВ позитивни, а можеби нема да има како да се тестираат, поради намалените буџети. Таа за „Слободен печат“ вели дека дури 35 проценти од оние што имаат ХИВ не се свесни дека го имаат вирусот. Згора на тоа, додава Штерјова Симоновиќ, програмата за луѓето кои живеат со ХИВ е скратена за 70 проценти. Поради целата ситуација не се исклучува граѓанските организации кои се занимаваат со превенција на ХИВ во државата, да излезат на протест.

-На сите организации средствата им се скратени различно, но без методологија. Ние имаме два центри за намалување на штети и еден центар за сексуални работници. Сега без пари, ќе мора да го намалиме тој број. Доказ дека превенцијата функционира е тоа што 15 години ниеден сексуален работник во земјава или корисник на дрога нема ХИВ. Во земји каде што овие програми ги нема, има експлозија на ХИВ и кај тие што употребуваат дроги, па и во затворите. Очигледно е дека властите не ја сфаќаат големата слика, посочува Штерјова Симоновиќ.

Следен сервис кој е на удар е оној за социјалните работници, додава таа.

Луѓето имаат проблеми со личните документи и здравственото осигурување. На пример, биле во странство, ги депортирале, не се во македонскиот систем и немаат ништо. Нас први не бараат, а социјални работници им асистираат. Кога зборуваат нашите корисници, дури и другите центри во Европа ги нарекуваат ,,ХОПСОТ во Италија” и ,,ХОПСОТ во Германија”. Тие имаат доверба во нас. Три месеци нашите вработени одеа на работа без плата зашто не се објавуваше програмата. Бараме владата да ги рационализира своите трошоци и луксузите што ги има, преку прогресивен данок на пример, а не на грбот на најмаргинализираните. Со овие пари кои се одобрени нема шанси да функционираат сите сервиси. Паушално е испокасапен буџетот.  Уште не сме донеле одлука за протест зашто уште се обидуваме да бараме поддршка од меѓународни организации и партнерски мрежи од ЕУ кои се исклучително загрижени, додава Штерјова Симоновиќ.

Друг важен сервис што го нудат невладините организации е базичната медицинска грижа, имајќи предвид дека лицата кои користат дроги се најмаргинализирани и не ги примаат ниту на матичен лекар поради стигма и дискриминација. Иако на хартија имаат право на медицинска услуга, во пракса не секогаш ја добиваат. Некогаш од неправилно инјектирање дроги или со престанокот на инјектирањето се појавуват рани.

– Со медицинскиот сервис ние вршиме третман на тие рани. Во време на ковид пандемијата на човек му беше ампутирана ногата бидејќи не можеше да пристапи до услуга во јавното здравство. Дополнително тој е од ромската заедница, па ем беше стигматизиран за употребата на дрога, ем зашто е Ром. Во ковид пандемијата кога во карантинските центри ќе се забележеше дека некој е на метадон или на друга терапија, ние контактиравме со центрите за лекување и им даваа метадон. Прво нас не контактираат граѓаните, зашто никој не се сензибилизира за нивната состојба, објаснува за Слободен печат директорката на ХОПС.

Дополнителен проблем за кој невладините организации предупредуваат дека ќе се појави, е тоа што 40 проценти од луѓето кои работат во ХОПС се луѓе од заедниците. Ако тие останат без работа, поради стигма и дискриминација најверојатно нема да може да најдат нова работа.

Вкупно 14 организации, меѓу кои ,,Заедно посилни”, ХЕРА, ХОПС, Пулс, Егал, Доверба, Избор, Стар, Хелп, Здружение Опција Охрид, Виа Вита, Клуб М, Црвен Крст на РСМ и Здружението на граѓани Зона Кавадарци се потпишааа на протестното писмо упатено до Министерството за здравство. Тие предупредуваат дека со скандалозното кратење на средствата за превенција на ХИВ и СИДА во Програмата за заштита на населението за 2022 година, државата во ризик става 10 илјади граѓани од маргинализираните заедници и води кон згаснување на сервисите што ќе биде погубно за јавното здравје. Наместо предвидените 46,5 милиони денари во Програмата, Министерството алоцирало 19 милиони денари помалку и тоа без да ја консултира Националната комисија за ХИВ, туку на своја рака.

Во земјава уште млади луѓе умираат од ХИВ, а 35 проценти не знааат дека се носители на вирусот. Просекот на Европскиот центар за контрола на болести за лица кои живеат без да знаат дека се ХИВ позитивни е 16 проценти, што потврдува дека државата заостанува зад Европа. Превенцијата е поефтина отколку да се лекува веќе дијагностициран ХИВ позитивен пациент, децидни се здруженијата.

Од Министерството за здравство за Слободен печат, запрашани зошто е скратен буџетот за превенција од ХИВ, не беа концизни.

Програмата за заштита на населението од ХИВ која МЗ ја изготвува на годишно ниво се реализира во рамки на обезбедениот буџет утврден преку Министерството за финансии и Владата. Притоа, дел од средствата за реализација на активностите се од буџетот на Министерството за здравство, а дополнителен дел се во рамките на постојните буџети на јавните здравствени установи. Токму една од целите на оваа програма е одржување ниска преваленца на ХИВ кај клучните популации. Воедно здравството две години се соочува со вонредна состојба со ковид пандемијата и се менаџира максимално посветено во интерес на здравјето на пациентите, ни изјавија од Министерството за здравство.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Поради кражба на гласовите на „Беовизија“: Аца Лукас ги тужи Неда Украден и раководителите на РТС

Следно

Aсфалтирани патеките на булеварот Видое Смилевски Бато

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian