Русковска најави истрага за дел од „Скопје 2014“, ќе биде осомничен поранешен функционер

2 mins read

Јавната обвинителката за организиран криминал, Вилма Русковска, вечерва најави дека ќе биде отворена истрага за еден дел од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, за кој кривичната постапка засега е во фаза на предистрага.

„Нацрт-наредбата за истрага е веќе подготвена. Ја прегледав и очекувам во понеделник-вторник да биде потпишана“, рече Русковска во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Таа не сакаше да открие други детали за случајот, освен дека во истрагата ќе биде осомничен еден поранешен функционер.

Според „360 степени“, непотврдени информации велат дека станува збор за начинот на кој е спроведена набавката за неокласичната фасада на зградата на Владата. Тој зафат, според базата на „Призма“ (БИРН), чинел 17,6 милиони евра.

Во објаснувањето на БИРН се потсетува дека „за промена на фасадата, Владата употреби еден специфичен метод што во самиот старт беше критикуван“.

Имено, Владата на својата интернет-страница спроведе онлајн анкета во чијашто автентичност веднаш се посомневаа критичарите на проектот „Скопје 2014“.

Нивните аргументи беа дека со таквата онлајн анкета, практично, јавноста се става пред свршен чин – да избира меѓу понудените решенија и на тој начин да ја легитимира одлуката за измена на авторското дело на архитектот Петар Муличковски.

На интернет анкетата со 32% гласови победи идејното решение на Филип Богатинов и Жарко Чаушевски, кој е автор на повеќе објекти изградени во рамките на проектот, сите во препознатлив барокен стил.

Конкурсот е затворен на 27 јануари 2012 г. Девет дена подоцна, на 5 март фирмата „Архитектоника“ на Чаушевски, по пат на преговарање, без претходно објавување оглас, го склучува договорот за изработка на основен проект за реконструкцијата, пишува БИРН.

Шест месеци по овој, фирмата на Чаушевски склучува и договор за изработка на идеен и ревидиран основен проект. Во договорот е наведено дека фирмата „Архитектоника“ е избрана меѓу седум понуди, по пат на електронска аукција.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Џон Тери бара партнери за купување на Челси

Следно

Украинско МВР: Ќе ни требаат години да ги отстраниме мините

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian