Поддршката за Русија од Левица отфрлена од прва рака

7 mins read

Левица сè повеќе покажува дека не е дел од демократските процеси во државата. Прашањето повеќе треба да се насочи кон нивниот коалициски партнер на локално ниво ВМРО-ДПМНЕ, со којшто заедно седнаа на маса со цел да ја рушат Владата, велат од СДСМ.

Власта жестоко ја осуди, опозициската Беса се огради, а ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците не ни го кажаа својот став за позициите на парламентарната партија Левица на средбата со рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин. Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, со Баздникин се сретнаа во Собранието, при што дадоа целосна поддршка на позициите на Кремљ и се оградија од државните позиции за агресијата на Русија врз Украина.

Апасиев и Крмов, како што соопштија, на срдечна средбата со Баздникин, разговарале за „специјалната воена операција во Украина” и последиците од неа по меѓународниот поредок. Впечатливо е дека пратениците го користат речникот на рускиот претседател Владимир Путин, па руската агресија врз Украина ја нарекуваат специјална воена операција. На средбата со Баздникин акцентот бил ставен на „процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија”, соопшти Левица.

Апасиев и Крмов го нападнаа Османи

Апасиев и Крмов жестоко го нападнаа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, односно државните позиции.

„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофопски изјави на шефот на дипломатијата Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Апасиев се огради од последните контроверзни дејства на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани“, пишува во соопштението на Левица.

Апасиев и Крмов ги осудиле и „непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација“, од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана била и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежни патувањето и транспортот меѓу државите. По средбата, Апасиев на Фејсбук го пофали Баздникин дека е „редок дипломат што ѝ направил чест на државата во која служи со тоа што „научил да зборува чист, литературен македонски јазик“.

Османи и МНР не го коментираат нападот врз министерот

Шефот на дипломатијата Бујар Османи кој беше квалификуван од Апасиев за „русофоб“ и „провокатор“, не коментираше, а коментар нема ни од МНР. Со став излезе владејачката ДУИ.

– Во врска со политичките напади од Левица насочени кон министерот за надворешни работи информираме дека европската и евроатлантската ориентација на Република Северна Македонија претставуваат стратешки цели на државата уште од нејзиното осамостојување, кои во периодот на нејзиното тридецениско постоење израснаа во политички столбови на кои почива стабилноста на земјата. Тие се дел од основните постулати на ДУИ и оттаму претставуваат составен дел од политичкиот ангажман во рамките на политичкото мнозинство од кое произлегува актуелната Влада на РСМ. Во таа насока, одлуките на Владата, а посебно на МНР, се во целост согласни со државните стратешки интереси на земјата и во соодветна корелација со ставовите на НАТО, ЕУ, како и стратешкиот партнер САД. Постапките на Руската Федерација во Украина претставуваат директна воена агресија врз суверена земја и, соодветно, на нашите стратешки партнери и на државните интереси, Владата и МНР постапуваат принципиелно и соодветно на широко утврдениот државен став“, велат за „Слободен печат“ од ДУИ.

Осуда од СДСМ

Од СДСМ ги осудија ставовите на Левица.

– Левица сè повеќе покажува дека не е дел од демократските процеси во државата. Прашањето повеќе треба да се насочи кон нивниот коалициски партнер на локално ниво ВМРО-ДПМНЕ, со којшто заедно седнаа на маса со цел да ја рушат Владата. РСМ е дел од најголемиот безбедносен сојуз НАТО со јасно зацртана цел – влез во ЕУ. Собранието донесе Декларација со која јасно ја осуди воената агресија на Русија врз Украина – вели Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.

Пратеникот од владејачката Алтернатива Скендер Реџепи, кој во Собранието го достави предлогот Парламентарната група за соработка со руската Дума да биде распуштена и да се замрзне соработката со Собранието на Русија додека трае агресијата врз Украина, вели дека изјавите на Апасиев и на Крмов за поддршка на агресорот се неспоиви со демократските вредности кои се култивираат во државата.

Од ставовите на Левица се огради и опозициската Беса, партијата што заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса имаа неуспешен обид за ново парламентарно мнозинство.

– Немаме ништо заедничко со ставовите на Левица. Ја осудуваме руската агресија и го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Со Левица заедничко ни е само тоа што сме опозициски партии – вели Зендели.

Најчевска: Пратениците на Левица да одговараат според Кривичниот законик

Професорката Мирјана Најчевска од Твоја партија вели дека над пратениците на Левица кои се сретнаа со рускиот амбасадор во земјава треба да се примени членот 407-а од Кривичниот законик „одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.

– Тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува делата од членот 403 до 407, ќе се казни со затвор од една до пет години. Ова треба да се примени и на сите гласила, поединци и посебно водачи на политички партии – вели Најчевска.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Русија ги продолжува нападите, експлозии во Лавов

Следно

Нови експлозии, 23 ден од руската инвазија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian