Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, вечерва во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења рече дека Антикорупциска не е задоволна од спроведувањето на Стратегијата за борба против корупцијата, која беше изгласана од сите партии во Собранието пред околу една година.
„За жал, не сме многу задоволни, да бидам искрена. Ние подготвивме еден софтвер, преку којшто ги собираме сите извештаи кои надлежните институции поврзани со секторите во Стратегијата треба да ни ги достават, за активностите што ги презеле согласно акциониот план на Стратегијата“, рече Ивановска.
Таа додаде дека во моментот се подготвува извештајот, кој треба да биде доставен до Собранието до крајот на месецов.
„Од она што можевме да го видиме во тие извештаи, нема ни 50% реализација. Организиравме дополнително тркалезни маси за секторите, за да ја разјасниме сериозноста на сета оваа работа“, вели Ивановска.
Таа најави дека извештајот ќе биде објавен откако ќе биде завршен. Ивановска повтори дека генерално, антикорупционерите не се задоволни од тоа што го спровеле институциите.