Се предлага законска можност за декларативна промена на полот – ќе биде потребна само изјава заверена на нотар

3 mins read

Владата предлага закон со кој ќе се озвоможи секој граѓанин декларативно да си го промени полот. Предлогот, кој наскоро ќе биде претставен пред пратениците во Собранието, е со „европско знаменце“, објави Алсат.

Во Законот за матична евиденција, Владата предлага да се додаде одредба со која се прецизира дефиницијата на родовиот идентитет:

„Родов идентитет“ претставува внатрешно и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може или не кореспондира со полот кој што е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, како што се: име, облека, говор и манири.”

Предложените одредби треба да ја олеснат постапката со тоа што таа се сведува на декларирање од страна на личноста и заверување на изјава на нотар.

“Копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот, изјава од барателот за правно признавање на родот заверена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање“, се вели во предложените измени на законот.

Од Алијанса за Албанците, Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го поддржат законот.

„Посветени сме на зачувување на семејните вредности и институцијата семејство, како и на борбата против појавите кои го напаѓаат ова основно ткиво на општеството“, велат од Алијанса за Албанците.

„За нас е неприфатливо да се уништи традиционалното семејство и да се дозволи друг тип на општествена организација која сака да го злоупотреби поимот семејство“, нагласуваат од Алтернатива.

„ВМРО-ДПМНЕ е против ова законско решение со кое се создава основа во иднина да се измени Законот за семејство со кој се регулира бракот и семејството како заедница меѓу жена и маж“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека овој закон има за цел да ги заштити граѓаните и државниот буџет од судски пресуди во Стразбур.

„Државата плаќа отштета како резултат на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, и наша обврска останува да ги заштитиме граѓаните и буџетот“, велат од владејачката партија.

Од ДУИ не го коментираат предлогот. Покрај поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ, на предложените измени во законот е потпишан и заменик-министерот за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, пишува Алсат. Актуелниот закон, кој со години е критикуван од граѓанските организации кои се занимаваат со родовите прашања, го претставува семејството како „заедница меѓу маж и жена, како и деца и други членови на семејството, односно предци и потомци“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Беквалац со емотивна порака до ќерка ѝ: Не ни е лесно, но затоа ни е најдобро

Следно

Цената на зејтинот во Германија урива рекорди: На црно достигнува и до 50 евра, а се продаваат и отворени шишиња

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian