Основците ќе учат без маски, наставниците и натаму ќе ги носат

4 mins read

Оваа мерка ќе биде предложена до Главниот кризен штаб и до Владата, но внимателно ќе се следи состојбата, односно како се движи бројот на новозаразени ученици во случај предлогот да биде прифатен.

Комисијата за заразни болести препорача основците да не носат маски во училишните клупи. Оваа мерка ќе биде предложена до Главниот кризен штаб и до Владата, но внимателно ќе се следи состојбата, односно како се движи бројот на новозаразени ученици во случај предлогот да биде прифатен.

Претседателот на Комисијата доктор Александар Петличковски рече дека препорачуваат наставниците и техничкиот персонал и понатаму да имаат обврска да носат маски. Втората препорака што Комисијата ќе ја предложи до Владата е затворени објекти, како опери, театри и кина, наместо досегашните 50 проценти од капацитетот, да може да бидат исполнети со 75 отсто посетители. Третата препорака е да не се бараат вакцинални сертификати во отворените делови од угостителските објекти.

– Сакам да го потенцирам правото на избор. Ако некој сака да носи маска, ако има дома возрасни што сака да ги заштити, не е забрането да се носи маска, но се укинува обврската за задолжително носење на маските во училиштата –  посочи доктор Петличковски додавајќи членовите на Комисијата со мнозинство ги изгласале препораките.

Постепено олабавување

Доктор Злате Мехмедовиќ потенцираше дека овие мерки се носат според алатката за епидемиолошкиот ризик, која беше презентирана минатата недела.

– Во моментов, според тие критериуми се наоѓаме во т.н. зелена зона, но продолжуваме да ги следиме тие параметри. Ако има влошувања, тогаш може повторно да се вратат на сила истите мерки и препораки. Доколку успееме да ја контролираме епидемиолошката состојба на терен по намалувањето на ограничувањата, сметаме дека можеме постепено, на некој начин, да не се доведеме во ситуација како што се Германија, Австрија, Велика Британија и Данска, каде што имаше нагло зголемување на новозаразени, хоспитализирани и починати – рече доктор Мехмедовиќ.

Комисијата за заразни болести и понатаму ќе продолжи да поддржува испраќање СМС-пораки кон граѓаните, со цел да бидат потсетувани дека треба да се вакцинираат.

– Ние не знаеме што ќе се случи по еден месец, а не пак по два или три месеца. Во меѓувреме, вакцинацијата ни е клучна алатка. Има одговор на потсетувањето преку пораки на вакцинација. Добро е да се вакцинираат тие со поголем ризик или тие што примиле две дози, ама пред подолго време. Во моментов, стандард за најдобра заштита е три дози вакцина и тоа интензивно ќе го објаснуваме – рече доктор Петличковски.

Од реинфекциите, 19 завршиле со смртен исход

Со 1.833 активни случаи на ковид-19, земјава се наоѓа во зелена фаза на пандемијата. Ниту притисокот на болничките капацитети ниту процентот на новозаразени од вкупно направени тестови не укажуваат на влошување на епидемиолошката слика.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, од направени 2.605 теста, позитивни биле 312 случаи, а починале пет лица на возраст 66 до 86 години. Од 7 до 13 март, од 15.264 тестови позитивни биле 1.818 случаи, просечно 11,6 отсто од тестираните. Најголемиот дел од нив се од Скопје.

Споредено со претходната недела се регистрира намалување на бројот на случаи во сите возрасни групи, а бројот на починати за цела недела кој изнесува 34 лица, е за 33 отсто помал од оној регистриран претходната недела. Секвенционирањето во лабораторијата на Институтот за јавно здравје покажа дека во земјава се присутни и омикрон и стелт-омикрон варијантите на коронавирусот.

Според извештаите од болниците, хоспитализирани се 165 лица, што е помалку за 23 отсто споредено со минатата недела. Од нив, 98 се на кислородна поддршка, а петмина на инвазивна и неинвазивна вентилација. Од почетокот на пандемијата до денес, 19 од реинфекциите завршиле со смртен исход. Регистрирани се девет смртни случаи кај бремени жени и 37 смртни случаи кај здравствени работници.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тухел добива конкуренција, двајца Шпанци во игра за клупата на Јунајтед

Следно

Во руското гранатирање на Чернихив загинаа 5 лица, меѓу кои 3 деца

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian