„Нетфликс“ не попушта: Ќе се наплаќа за споделување лозинки со пријатели

2 mins read

Не е тајна дека голем дел корисниците на платформата „Netflix“ ја споделуваат својата лозинка со пријатели и членови на поширокото семејство. Уште од почетоците на „Netflix“ корисниците имаа опција за креирање повеќе профили на една претплата, но се чини дека таа практика наскоро ќе се промени.

Од компанијата велат дека ќе се борат против споделувањето лозинки на луѓе кои не се во исто домаќинство и таа опција ќе се наплаќа дополнително. Веќе подолго време кружат гласини дека „Netflix“ планира да го ограничи споделувањето на лозинките.

Сепак, ова е првпат компанијата официјално да признае дека направила нешто во врска со тоа.

„Лозинките се споделуваат помеѓу домаќинства – што влијае на нашата способност да инвестираме во одлични нови ТВ серии и филмови за нашите корисници“, се вели во соопштението од компанијата.

Во следните неколку недели, стриминг сервисот тестира две нови функции на одредени пазари, при што членовите ќе треба да платат дополнителни 2 до 3 долари доколку сакаат да ја споделат својата лозинка со луѓе надвор од нивното домаќинство.

Оние што ќе се претплатат на „Standard“ и „Premium“ ќе можат да додаваат под-сметки за најмногу две лица со кои не живеат, од кои секое ќе го добие својот профил, персонализирани препораки, најавувања и лозинки.

Корисниците со основни, стандардни и премиум профили исто така ќе можат да им дозволат на луѓето со кои ги споделуваат „Netflix“ да ги префрлаат информациите за нивниот профил или на нова или на подсметка.

На овој начин тие ќе можат да ја задржат својата историја на гледање, листа на гледање и персонализирани препораки.

Засега „Netflix“ ќе ги тестира новите функции само во Чиле, Костарика и Перу. Сè уште не е познато дали компанијата ќе ја примени новата практика на глобално ниво, откако ќе заврши тестирањето.

„Ќе работиме да ја разбереме корисноста на овие две функции за членовите во овие три земји пред да направиме промени каде било во светот“, заклучува компанијата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Белата куќа: Бајден утре ќе разговара со Си Џинпинг

Следно

Шпанците открија неверојатен податок, Ѓоковиќ е дури на 154 место

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian