Мицкоски ги разочара албанските партии: „ВМРО-ДПМНЕ не излегува од антиалбанскиот груевизам“

5 mins read

Оваа изјава не му служи на чест на претседател на политички субјект, кој тврди дека еден ден ќе ја води државата. Мислам дека треба уште време ВМРО-ДПМНЕ целосно да го отстрани политичкиот дискурс на антиалбанскиот груевизам – изјави Скендер Реџепи, пратеник од Алтернатива.

Политичките партии на Албанците се изненадени од изјавата на лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за владината уредба со која се овозможува полициските униформи да имаат ознаки и на албански јазик, покрај македонскиот. Едни велат дека Мицкоски свесно или несвесно се приклучува кон „владините театрални изјави“, а други, пак, дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба уште време за целосно да го отстрани „политичкиот дискурс на антиалбанскиот груевизам“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изрази чудење од владината уредба за двојазични ознаки на полициските униформи и иронично додаде дека премиерот Димитар Ковачевски „со двојазичност може дури и да се тетовира на чело“. За пратеникот на Алтернативна Скендер Реџепи, ваквите изјави на Мицкоски се незрели и одразуваат презир кон албанскиот јазик.

– Оваа изјава не му служи на чест на претседател на политички субјект, кој тврди дека еден ден ќе ја води државата. Мислам дека треба уште време ВМРО-ДПМНЕ целосно да го отстрани политичкиот дискурс на антиалбанскиот груевизам – изјави Реџепи.

И првиот вицепремиер и висок функционер на ДУИ Артан Груби реплицираше на коментарите на Мицкоски.

– Жално е, особено од опозицијата, која и понатаму покажува противење на Охридскиот договор, албанскиот јазик, еднаквоста и Албанците. А, всушност е жално што пред да го видат на англиски напишан на полициската униформа, им пречи албанскиот јазик. Но тоа не им попречува, туку албанскиот јазик им пречи. Уредбата апсолутно ќе се спроведе и сега во МВР се прават подготовки за новите униформи со албански натпис – изјави вицепремиерот Груби.

Халил Снопче, пратеник на Алијансата за Албанците, смета дека прашањето на двојазичноста во полициските униформи не се решава со уредба, туку само со измени во Законот за полиција.

– Овој проблем не се решава со уредба, тоа е само уште една манипулација на Владата, на чело со ДУИ. Изјавата на Мицкоски е продолжение на помпезните и смешни изјави на претставниците на ДУИ. Театар за продолжување на старите политики, било од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ, за да се деконцентрира јавното мислење од реални економски проблеми, енергетска криза и слично, и повторно да се претвори играта во политичко прашање, кое одамна требаше да се реализира – вели Снопче за „Слободен печат“.

Пратеникот од Движењето БЕСА Фадил Зендели смета дека прашањето за употребата на јазиците не треба да е предмет на дебата.

– Употребата на албанскиот јазик е обврска од Охридскиот рамковен договор и Законот за употреба на јазиците и не е предмет на дебата. Решението мора да биде законско. Северна Македонија не е посебен случај, има и други земји каде што се користат јазици на друга етничка припадност на полициските униформи – вели Зендели за „Слободен печат“.

ДУИ: Исполнета е обврска од Рамковниот договор

Демократската унија за интеграција смета дека со донесувањето на Уредбата од страна на Владата со која се официјализира употребата на албанскиот јазик на полициските униформи, исполнета е обврска што произлегува од Охридскиот рамковен договор и е во согласност со Законот за употреба на албанскиот јазик.

„Оваа владина уредба е уште еден чекор кон исполнување на законската обврска, но и за зголемување на довербата меѓу полицијата и граѓаните, бидејќи оваа доверба ќе има уште поголемо влијание врз создавањето и обликувањето на демократските институции во државата. Успешно е завршена уште една задача согласно Уставот и Законот, што е одраз на строгото спроведување на принципите на еднаквост како гаранција за напредокот на нашата земја за еднакво општество, насочено кон интегрирање на земјата во големото европско семејство“ – се вели во писменото соопштение на ДУИ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фетел е позитивен на коронавирус, ќе ја пропушти првата трка во Бахреин

Следно

Белата куќа: Бајден утре ќе разговара со Си Џинпинг

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian