ФОТО | Разговор со Сандра Вера, жена-приказна: Слободата е најголема одговорност

15 mins read

Разговорот со Сандра Вера може да почне и никогаш да не заврши. Оваа уникатна жена, појава сама по себе и човек кој пропатувал низ неколку различни култури, за да ја спои и својата на мостот на уметноста, е „ретка птица“. Случајно се најдовме на Facebook, а ме воодушеви нејзината мултидисциплинарност – таа е раскажувачка, полиглот, уличен забавувач и винтиџ кураторка. Еден тон животи во насмевката на Сандра Вера.  Живеела во Италија, а сега е во Германија. Патува со умот – секогаш.

Си седнавме на пијачка во наше маало и ми го раскажа сиот свој пат. За храброста да се биде различен, а свој на своето.

Која е Сандра Вера?

-Тотално не знам да го одговорам ова прашање  (се смее). Моите две инспирациии за лично шоу ми го дадоа името. Вера се однесува на „вистинита“, vera. Сандра која е една, вистинска.

Кога ќе застанеш во моменталната точка на постоење, што гледаш наназад?

-Кога ќе погледнам наназад, гледам едно дете кое многу сака да си игра на некакво игралиште. Постојано да си игра…

А што кога ќе го погледнеш тоа дете, до перспективата на Сандра денес?

Гледам едно задоволно и среќно дете на кое му се дале бескрајно многу игралишта и имало многу среќа да си создаде игралиште и секогаш да може да си „игра“. Играта не секогаш му оди како што треба, ама секогаш го прави тоа. Нешто што можеби никој не го кажува гласно е дека тоа дете, во суштина колку и да си игра, прави сериозна работа.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Што си по професија всушност?

-Кога ме запознаа луѓето со кои ги почнав првите чекори во уличната уметност, ми рекоа „ма каква професорка или преведувачка по италијански“ (тоа учев и студирав), ти си родена да бидеш уличен перформер!

Имено, бидејќи живеев во Италија, кога се вратив во Македонија, си реков – ќе студирам италијански, но никогаш не се почувствував сигурна во својот јазик за да станам јазичарка. Ме доживуваа како човек кој е „жива бина“. Моите почетоци во перформансот се со манипулирање оган. Ми беше предизвик на почетокот, затоа што доаѓав од сигурна зона која и се трудев да станам технички добра, затоа што  играв со невообичаен елемент. Жена и оган е wow. Но, некако го изгустирав сето тоа и тогаш решив дека треба да пробам нешто друго.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Кога дојдов во Италија во 2008 година, почнав да правам улични перформанси, и тоа со сегментот – „создавање карактери“. Почнав да истражувам и да си правам костими од некои свои лични фасцинации. Првиот беше еден глам рок карактер. Потоа се роди „Лоли Поп“, сама по себе смешна инсталација, фигура во сите бои која беше во облик на лижавче. Толку беше успешна, што стигна и до Јужна Кореја. Всушност, тоа беше мојот прв „движечки“ карактер во интеракција со публиката. Оживува и прави разноразни „ќерефеки“. Арно ама, не ми беше доволно! Тие неколку 10 секунди беа малку. Почнав да истржувам уште повеќе. Филмски карактери, костими, ликови од филмови. Создадов карактер на една дама која сака да биде постојано вљубена, но на крајот сфаќа дека и требаат пари.  Истражувајќи костими, карактери, различни доби од сите животи, се случи тоа соло шоу. Барав облека по бувљаци, пазари, стари бутици… Сето тоа беше потребно за да ги задоволам потребите на тој „кловн“ односно карактер кој го градев. Но, не е само тоа. Мораш да наоѓаш и да ги измислуваш детаљите вградени во тоа шоу. Стар чадор, куфер… Столче. Сето тоа ќе научиш да го манипулираш и целата колекционерска опсесија почна од таму.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Тргнуваш од барање лик за себе во реалноста, затоа што имаш толку многу приказни во себе. Имаш еден тон карактери, фотографии кои зборуваат различни луѓе… Што значи тоа за тебе?

-Види, секој еден аутфит кога си го замислуваш дека можеш да го облечеш, ти се препознаваш себеси во одредено време, можеби дури и кога не си ги знаел тие „времиња“.

Дали е тоа книга, филм, каркатер што си го видел на улица, тоа влегува во твојата слика за себе. И сум носталгична, необјасниво многу. Не сум живеела во дваесетите, сум гледала филмови, сум ги гледала на слика тие луѓе или карактери и сум ги фатила дека токму така ги замислувам!

Сите тие карактери носат облека најдена од секакви извори. Што е поривот за тоа зачувување?

-Поривот е да ја пренесам приказната. Не како материјал за раскажување, туку патот кој го „изодело“ тоа парче. Мојот концепт е отпорот кон униформиранот и истовремено реална загриженост за пренатрупаноста на нашата планета со вишок, следејќи трендови, конзумирајќи алишта за кратка употреба. Ако ти раскажам што сум си купила нешто вчера од некој познат бутик, таму нема што многу да се каже. Но, кога ќе ти покажам стар фустан од некое друго време, веќе постои приказна.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Твојот животен пат е кадар со многу агли. Тргнуваш од сопствениот јазик, за да научиш друг јазик. Зошто изучување италијански јазик, пред се’?

-Живеев во Италија седум години, и за многу кратко време бев „италијанизирана“. Дури имам и име, хаха. Изабела Фанели, професорка по историја на уметност, во Личео Артистико „Пино Паскали“, од Бари. Тоа е мојот италијански карактер. Претходно живеев една година во Рим, и кога  се вратив во Македонија, не ни помислив што ќе работам, што ќе биде следно. Сакав сигурност, да знам што ќе правам и кога ќе најдам што правам, се концентрирам на тоа да сум компетентна и професионална. И така си реков – да пробам со италијански јазик. Бев одвикната од учење, ама сакав да пробам, затоа што во еден миг сфатив дека по неколку месеци го прозборев италијанскиот, сама по себе. Но, не било тоа за мене. Не сум родена за професорка. Јас сум културен медијатор. Си помислив – колку би било убаво јас да ја пренесам мојата култура таму, а нивната да ја пренесам тука. И се случи еден Баскерфест во 2008, кој беше пресвртна точка. Кога тргнав еден месец во Италија и се пробав во уличната уметност. А улицата е „сладок терор“. Кога треба да ги задоволиш очекувањата на улицата, тоа е најтешката задача. За тие луѓе си настан, мора да имаш материјал, за да ги задржиш, да те гледаат со внимание.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Твојата сфера е визуелна, а тргнува од многу дразби. Како почнува целиот процес на создавање уличен костим/перформанс?

-Да не постои музиката, немаше да се случат многу карактери. Кога ја правев Лоли Поп, тргнав од костим со музички винил како фустан, со референца на песната You spin me like a record, но некако не ми беше доволно и беше црн, темен карактерот и си реков: ајде да му дадеме боја! И така некако ја дотерав со други детали за да ја почувствувам како вистинска на она што сакав да го претставам. Имено, додека ги создавав тие карактери, истражував и имав и ментори – едната е жена кловн од Канада, а другиот е маж исто така кловн, Австралијанец. Работејќи со нив, сфатив дека секој костим е нашата страст, дека сите тие сегменти од еден карактер се дел од самите нас. И така, едноставно стануваш колекционер.

Ти ја живееш сета слобода за која многумина можат и да сонуваат….

-Сите сме слободни, но мора да имаме храброст. Кога го направив првиот костим со алатките кои ми помогнаа да го дефинирам својот израз, знаев дека никогаш повеќе нема да бидам гладна. Знаев дека каде и да одам, ќе имам работа. Дури и кога тој уличен живот ќе помине, ќе „се отплетка“ пред тебе, ќе почнат да се појавуваат и платени настани, делови од шоуа… Веќе не станува збор само за задоволување глад. Станува збор за комотен живот за кој треба време да стигнеш до таа точка. Не можеш да ги правиш сите тие нешта ако не ги сакаш вистински. Човек не може да се разбуди и само да рече – јас сум тоа, и тоа. Ние самите носиме материјал во себе, сите поминати приказни, искусква… И полека полека почнав да го создавам она што е денес моја преокупација, а тоа е винтиџ кураторството.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Како го почна сето тоа, и од каде алтер егото – Кландестина?

-Сето тоа почна од едно мало место, селце во Италија каде што живеев и сите ми го знаеја начинот на живот. Од таму се роди и карактерот „Кландестина“, кој соодветно одговара на идејата што ја замислував. Таа не е „илегална“, но е надвор од регулативата. Немав ни бизнис, ни свој дуќан. Едноставно се договарав, пример со Џузепе, тамошен сопственик на бар: Ајде три дена да правиме отворен настан! Ќе наместиме облека, ќе почнеме со коктел. И тоа е тоа 🙂 Тоа е концептот на Pop up store, кој не е вечно наместен, туку трае онолку колку што ќе решиш ти.

Кландестина доаѓа од тој свет инспириран од циркус, улични перформанси и минијатурни опсесии кои се дел од неа. Ракавици, чевли, списанија… И таа некаква носталгија да го задржиш тоа чувство низ предметите од друго време, ти ја прави приказната.

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

Твојата слика и прилика е еден интересен пат кој во себе ја сочинува слободата…

-Ова што го работам јас, за да стигнам до тој фундус на мноштво работи, е долготраен процес кој бара знаење и да знаеш што бараш. Ти треба материјал за да го почнеш сето тоа. Сите сакаме да бидеме нешто – еве, јас сакам да бидам пејачка, но не знам да пеам. Ќе ми требаат барем неколку години учење за да станам барем некаква пејачка (се смее). Секој може да си се себеизмисли, но од некој постоечки ресурс. Тоа се нашите внатрешни нишки, во кои материјалот се плете и си велиш- ова е можно. И моето местење стара облека, уредување на просторот, концептот на „сцена“ е еден вид себеизмислување. Јас влегувам во таа улога на човек –куратор на винтиџ облека и се спремам така да му се покажам на светот.

Ти си приказната внатре и надвор, всушност? One woman show, така би заклучила.

-Целата таа продажба на облеката е некаква приказна, а потекнува пред сè од грижата. Грижата за тоа што ќе донесе модата, споредбата на денес и вчера. Процесот е целокупно осмислен и движен од мене – тоа е One woman show – од селекција, до поставување на целиот „бутик“.  Дента кога ќе го подготвам целиот концепт, влегувам во одредена улога, се местам за да бидам на сцена. Ми се допаѓаат различни светови и не можам да живеам во пресовршено уредени амбиенти. Се воодушевувам на максимализмот, во несовршеноста. Уживам во можноста да се ресоздавам себеси. Не знам што ќе станам на крајот на својот жвиот – но ќе еволуирам сигурно. Она што знам со сигурност е дека луѓето треба да ја живеат слободата, но да знаат дека тоа е огромна одговорност!

Сандра Вера/Приватна архива
Сандра Вера/Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Цената на зејтинот во Германија урива рекорди: На црно достигнува и до 50 евра, а се продаваат и отворени шишиња

Следно

Милан со интерес за македонскиот фудбалски „дијамант“ Елмас

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian