Возачот на „Астон Мартин“, Себастијан Фетел, ќе ја пропушти премиерната трка оваа сезона во Формула 1, бидејќи доби позитивен тест на ковид-19.
Само еден ден откако беа закажани тренинзи на патеката Сакир во Бахреин пред почетокот на сезоната, која започнува во недела, четирикратниот светски шампион дозна дека е позитивен на коронавирус и ќе ја пропушти првата трка.
Неговата замена е Нико Хулкенберг, кој последен пат возеше на патеката на Нирбурнгринг во октомври 2020 година, заменувајќи го Ленс Строл, кој беше дел од тогашниот „Рејсинг Поинт“.
Фетел е вториот Ф1 возач кој е позитивен на коронавирус пред почетокот на новата сезона, по возачот на Мекларен, Даниел Рикардо.
Трката за Големата награда на Бахреин е закажана за в недела од 15.00 часот.