За време на утринската програма на телевизиај Прва, српскиот актер Милош Биковиќ зборуваше за случувањата во Украина.
„Не би сакал да давам едноставни одговори на комплицирани прашања. Не би рекол дека Путин се разбудил едно утро и решил да убива украински деца. Тој конфликт трае веќе осум години. И јас самиот бев жртва на пропаганди, санкции, бомбардирање – сите бевме жртви на тоа, но, исто така, бевме претставувани и како агресори во светот. Ем бевме агресори, ем нѐ бомбардираа бидејќи немавме средства за да се заштитиме“, вели актерот.
Биковиќ се осврна и на влијанието кое го има војната врз културата и уметноста.
„Културата и уметноста се единствени кои може да го поврзат целиот свет. Дури и кога е воена состојба, сѐ уште ќе можете да се поврзете со човекот зад ровот за нештата кои сите ние ги разбираме и ги доживуваме“, смета Биковиќ.
Минатата година, српскиот актер доби руско државјанство потпишано од рускиот претседател Владимир Путин.
„Повеќе од седум години активно учествувам во културниот живот на Русија. За мене тоа е благослов и извор на среќа. Благодарен сум! Од првиот ден се чувствувам прифатено од сите сфери на општеството, а сега тоа е официјално потпишано и од страна на претседателот. Тоа е голема чест за мене. Ќе продолжам на работам на зближување на нашите народи преку културата“, напиша тој во таа прилика.