НАТО стои на ставот дека нема да се инволвира во војната во Украина, ризикот е преголем

4 mins read

НАТО нема да испраќа своја војска во Украина, и нема да воведе забрана за летање над Украина, поради преголемиот ризик од масовен конфликт со Русија, но ќе продолжи да ја поддржува Украина со сите други расположливи средства, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова е главниот заклучок од денешниот вонреден министерски состанок на земјите членки на НАТО во Брисел денеска, една недела пред нов вонреден лидерски самит.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, попладнево на прес конференција, ја повика Русија да се повлече од Украина веднаш и повтори дека 30-те земји сојузнички ќе продолжат на сите можни начини да и помагаат на украинската држава во оваа војна. Тоа значи испорака на оружје и зајакнување на военото присуство во источниот дел од Северноатлантската алијанса, како предупредување до Кремљ и дека доколку Русија нападне и педа од НАТО територијата, целата Алијанса ќе возврати колективно.

Со оглед на тоа дека Украина не е земја членка на НАТО, НАТО нема да се инволвира подлабоко во овој конфликт.

-Имаме одговорност да се осигуриме дека овој конфликт нема да ескалира надвор од Украина, ги гледаме смртта и деструкцијата, но ова може да стане уште полошо ако НАТО преземе акција и се претвори во целосна војна помеѓу НАТО и Русија. Сојузниците се обединети во нивната поддршка за Украина, тие ја засилија оваа порака, изјави Јенс Столтенберг.

Присуството на НАТО редовно ќе се засилува на истокот. Веќе сега сто илјади американски трупи се наоѓаат во Европа, а 40 илјади на истокот под директна команда на НАТО, а трупите се со висока подготвеност и дополнително ќе се зајакнуваат на копно, море и воздух, како и во делот на сајбер одбраната. Столтенберг повика сите 30 земји членки да постигнат најмалку два отсто од нивниот домашен бруто производ за одбраната и ги поздрави иницијативите на Германија и Данска да го зголемат нивниот воен буџет побргу од планираното.

-Москва не смее да има сомнеж дека НАТО нема да толерира никаков напад врз територијата и интегритетот на нејзините членки, предупреди шефот на Алијансата.

Столтенберг нагласи дека рускиот претседател ги потценил и Украина и НАТО и дека за возврат го добил спротивното од тоа што го бараше.

-Тој доби пообединет НАТО, тој го засили единството на Украина, тој сакаше помалку НАТО на неговите граници, добива повеќе НАТО на неговите граници, рече Столтенберг.

Генералниот секретар исто така оцени дека силната поддршка на Алијансата е од помош за Украина во преговорите со Русија.

-Ја повикуваме Русија да се ангажира искрено во преговорите, НАТО не е дел од нив, и важно е да не се шпекулира, мојата порака е дека е очигледно дека она што Украина може да го постигне е поврзано со ситуацијата на војното поле, рече шефот на НАТО, додавајќи дека причината поради која украинските сили се храбри способни да застанат против руската инвазија е исто така поврзано за поддршката што ја добиваат од НАТО членките.

На прашање дали Русија може да ја добие оваа војна, Столтенберг рече дека не сака да шпекулира.

-Русија останува голема воена сила со разно оружје и прерано е да се шпекулира за исходот, потребно е Русија да ги повлече своите трупи, порача генералниот секретар.

kurir.mk

Претходно

Трпковски: Трговски центар во Сопиште е барање и потреба на жителите

Следно

Вучиќ: Србија има доволно храна, а извозот прво ќе биде за земјите од Отворен Балкан

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian