Татјана Алексиќ: Јас сум сештојад, а веќе 56 години јадам „за џабе“

10 mins read

Омилена професорка меѓу учениците, непосредна, со одлична смисла за хумор и со талент на повеќе полиња. Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, по многу нешта отскокнува од шаблоните, поради што и ја обожаваат учениците. Пошироката јавност ја запозна преку ТВ-емисијата „Сексуална азбука“, што се емитуваше пред повеќе од 10 години.

Татјана е позната и по својата убавина, стил и вита става, која, како што вели, ѝ е генетски код.
Со Татјана разговаравме за тоа како се грижи за своето здравје, дали практикува диети, дали има некои ритуали при јадењето, за нејзината омилена и не баш омилена храна…

Фото: Приватна архива

И здрава и нездрава храна

Повеќето луѓе барем еднаш во животот држеле диета, многумина мака мачат со килограмите, а Татјана го има токму спротивниот „проблем“. Иако ужива во готвењето, сака убави јадења, на нејзината трпеза, како што вели и самата, дефилираат и здрави и нездрави јадења, сепак, ништо не се „фаќа“ за неа. Би рекле дека таа е вистинска среќница.

Како изгледа исхраната на Татјана, дали се храни здраво, која храна се наоѓа на пиедестал на нејзината, односно на семејната трпеза?

– Изгледа невидливо, никако да ми се види учинокот на јадењето и дека се хранам – веќе 56 години јадам за џабе! Толку и тежам. Инаку, јадам сѐ и здраво и нездраво, јас сум сештојад кој почитува разновидна храна, само да е добро приготвена и културно сервирана. Здрава храна е здраво приготвена храна, термички издржана со правилно избалансирана комбинација од намирници и миродии. Без лук и магдонос ништо не ми поминува низ кујна, и во торта би ги ставала. Зачините се мали волшепства, но и аптекарски треба да ги дозираш во јадењата, ниту премногу, ниту премалку. Не случајно низ историјата се тргувало со зачините како со скапоцености, се воделе битки за зачини, а шафранот и циметот биле вреднувани како златото. Циметот го користам и како маска за коса и кожа, идеално ги омекнува петиците. Бидејќи живееме традиционално во заедница, така и јадеме, главно манџи, чорби и тестенини, сите видови на месо, освен зајачко – дома чуваме зајак и вљубени сме во него! Мојата свекрва (велешанка), сѐ уште одлично приготвува пастрмајлија и на свои 90 години прецизно ги мери парчињата месо и пастрмата за секое тесто посебно. Постариот син е Карапанџа, или по ново Џејми Оливер, сака да готви и совршено приготвува пици со домашно тесто. Помалиот син и сопругот се добри дегустатори – некој мора и да се мачи! Риба и специјалитети од риба најчесто јадеме за викенд, со винце за „на здравје“. Разновидно, но и „разномрсно“, јадеме и српски специјалитети како џимиринки, шваргли, пихтии (пача), кавурма, гужвари, гибаница итн… Понездраво здравје!

Фото: Приватна архива

За Татјана диетите за слабеење се непознаница во буквална смисла на зборот, што впрочем, може да се види на прв поглед. Што е диета за Татјана?

– Мене животот ми е диета, и тоа неуспешна диета за дебелеење! Сум имала сериозни проекти во консултации со нутриционисти на тема „како да си ја зголемиш килажата“. Сите обиди ми поминувале низ стомакот и толку, само си поминувале низ метаболизмот, без да ми останат драгоцени калории. Дури и течни калории пиев со месеци… и безуспешно. Баксуз! – вели убавата професорка.
„Линијата ми е генетски код, ништо не ѝ можам ниту сега во климактериум“, додава Татјана.

Ковидот нѐ направи пасивни

Освен на здравјето, коешто е есенцијално за битисување на секој човек, пандемијата со коронавирусот се одрази и на многу други сегменти во животот.

– Колку што бев активна, сега сум пасивна, а тоа е многу. Бев хиперактивна, ангажирана на многу полиња и дојде ковид времето кое нѐ принуди на пасивен живот. Живееме во соби, во кревет, во домашен притвор и тука секоја „активност“ наликува на трчањето на кутрите мали ‘рчковци (хрчцаци) во кафезот. Ми се одрази врз здравјето, коските се крти, мускулите атрофирани, организмот девитализиран. Седечкиот живот е опасно нездрав, нема лезет од лежење – вели таа.

Како Татјана го комбинира одржувањето на здравјето со секојдневните обврски?

– Веќе 12 години не возам автомобил, а тоа значи дека повеќе се раздвижувам одејќи пешки или трчајќи по автобуси. Училишниот амбиент е динамичен сам по себе, барем се раздвижуваме по скали и низ училници. Драмската секција ми значеше многу и за физичката активност, секоја сабота вежбавме заеднички со учениците сценски движења и кореографии. Сега ѝ се „шлепам“ на мојата другарка Мила, која има мала ќерка, па заради неа и ние одиме на прошетки на Водно, Козјак, Матка, Хиподром, Зоолошка градина…

Фото: Приватна архива

Качамак – омилен појадок

A, што обожава да јаде, како ја доживува храната Татјана…
– Храната ја преживувам како гурман кој сака да готви, но не и да јаде количински, а ја доживувам како нешто многу битно за добра енергија – впрочем изгледаш како што јадеш – вели Татјана.

Татјана како и во многу сегменти од нејзиниот живот е необично – обична. Уникатна и едноставна. Таков е случајот и во приготвувањето и консумирањето храна.

– Готвам и уживам да се врткам низ кујна. Освен класични секојдневни јадења, сакам да месам, да експериментирам со разни комбинации и зачини, да зготвам што било, да најдам нешто по дома и да измислам некое јадење во истиот момент. Ништо не ми пречи ако е вкусно приготвено, може да е шкембе чорба или руски борч со суви сливи, рибја чорба со макало од лук (лук, маслиново масло и оцет во блендер), потаж од тиква (варена тиква, компир, кромид и бујон во блендер), само да е со лажица. Верувале или не, најчесто, но буквално секој ден би јадела за појадок качамак (бакрдам) од пченично брашно со млеко и не би ми здодеало. Креативноста во кујна е магија.

Фото: Приватна архива

Како што вели, нема ритуал при јадењето, а постои една намирница која ѝ оставила посебен впечаток.

– Немам некој ритуал кога јадам, освен да јадам на памучен чаршаф. Сакам нови вкусови и рецепти. Уште го паметам вкусот на семкастото овошје черимоја, кое првпат го пробав пред три години кај другарка ми во Швајцарија. Знам за појадок да изедам авокадо со лук, бибер и маслиново масло, но и осмина бурек со месо – вели едноставно, во нејзин непосреден стил, Татјана.

Фото: Приватна архива

Рецепт
Чизкејк

Татјана нѐ почести со чизкејк по рецептот на нејзината другарка Радмила Нале од Белград, за кој вели дека е убедливо најдобар рецепт.

Состојки:
За кората:

– 300 гр мелена плазма
– 125 гр путер
– 125 гр шеќер во прав
– малку млеко за да се замеси во тенка кора, основата за белиот крем.

Подготовка:

За бел крем: во 500 гр матена хопла се додаваат 400 гр кисела павлака и густин (10 гр густин се меша со 4 лажици вода и 4 лажици шеќер сѐ додека не набабри смесата, а потоа се зоврива и додава во белиот крем). На крај може да додадете во белиот крем 2-3 лажици маскарпоне.
Врз кората од плазма се разлева белиот крем (во калап) и врз него се прелива црвениот фил од смрзнато црвено овошје (може само од малини, но може и мешано црвено шумско овошје).
Црвен фил: 500 гр свежо или смрзнато црвено овошје се вари со 250 гр шеќер и малку вода. Откако ќе зоврие, во смесата се додава еден пудинг од ванила, претходно разматен во малку вода. Откако ќе се излади, се разлева врз белиот крем и се остава во фрижидер да се стегне.

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

САД воведе санкции уште против 11 високи функционери на руското Министерство за одбрана

Следно

Македонскиот репрезентативец Зајков се враќа во Бугарија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian