Соработка со Катар во областа на одбраната

3 mins read

„Северна Македонија како НАТО земја – членка сака да развива блиски одбранбени односи со важните партнери на Алијансата, како што е Катар. Оваа прва средба е само почеток на една плодна соработка на која сме исклучително посветени и убедени дека има огромен потенцијал”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со вицепремиерот и државен министер за одбрана на Катар, Халид Бин Мохамед Ал-Атија, кој престојува во својата прва официјална посета на Северна Македонија и на Министерството за одбрана.

Зборувајќи за безбедносната ситуација во светот, министерката Петровска и катарскиот вицепремиер и државен министер за одбрана се согласија дека најкусиот пат кон мирот и стабилноста е дијалогот.

„Ја цениме улогата на Катар во унапредувањето на глобалната безбедност. Би сакала да изразам најдлабока благодарност за помошта и поддршката од Катар минатиот септември, при евакуацијата на македонските граѓани од Авганистан”, рече министерката Петровска.

Петровска потенцираше дека Северна Македонија е подготвена да продолжи со интензивни контакти за усогласување и потпишување на Меморандум за соработка во областа на одбраната со Катар, не само како правен документ, туку како конкретен план на активности за соработка.

„Потенцијалот за блиска одбранбена соработка е навистина голем. Армискиот полигон ‘Криволак’ нуди одлични можности за вежби и обуки кои ќе бидат од корист и за двете вооружени сили. Имајќи го предвид негативното влијание на дезинформациите и лажните вести, во Министерството развиваме Центар за справување со овие закани и тоа може да биде уште една одлична можност за билатерална соработка”, рече министерката на состанокот.

Петровска истакна дека Северна Македонија и Армијата се отворени и за соработка во доменот на Центарот за обука на пилоти и заедничките инвестиции во инфраструктурата.

Катарскиот вицепримиер и државен министер за одбрана Ал-Атија порача дека Северна Македонија е важен пријател и партнер на Катар и изрази подготвеност за продлабочување на одбранбената соработка. Тој го честиташе членството на Северна Македонија во Алијансата и се согласи дека можностите за развивање на соработката во одбраната се извонредни, а неговата неколкудневна посета на Северна Македонија ќе придонесе кон конкретизирањето на областите на соработка.

Во рамките на посетата високата делегација од Катар ќе го посети и армискиот полигон „Криволак”, а ќе има средби и со највисокиот државен врв на Северна Македонија.

Катар е дел од Истанбулската иницијатива за соработка на НАТО, а практичната соработка на Алијансата со оваа држава се остварува преку Индивидуална програма за партнерство и соработка и преку програмата „Наука за мир и безбедност” фокусирана на напредната технологија поврзана со сајбер безбедноста. Истанбулската иницијатива за соработка е креирана на истанбулскиот Самит на НАТО во 2004 година и освен Катар, во оваа иницијатива членуваат и Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Манчини има една дилема пред натпреварот со Македонија

Следно

Арсовска: Град Скопје дава поддршка на компаниите кои се заинтересирани за инвестиции во Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian