Собранието ќе ја доекипира Комисијата за избори и именувања

2 mins read

По повеќемесечна блокада и по разрешувањето на опозицискиот пратеник Фадил Зендели од Беса, од член на Комисијата за избори и именувања, денеска се очекува Собранието конечно да го комплетира ова клучното работно тело. За нова претседателка на Комисијата, СДСМ ја предлага пратеничката Марија Георгиевска, која треба да дојде на местото на експретседателот Костадин Костадинов кој стана градоначалник на Струмица.

Пратеникот Дарко Каевски се предлага од заменик член да биде член на Комисијата, а на негово место за заменик член се предлага да остане пратеникот од Алтернатива, Хусни Исмаили, но сега како предлог од владејачката коалиција. Тој, пред влегувањето на Алтернатива во власта беше заменик член, но од опозицијата. Заменичкото место во Комисијата Исмаили сега ќе му го отстапи на Елми Азири од опозициската Алијанса за Албанците. Во Комисијата испразнето ќе остане заменичкото место кое и припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи опозициската партија во знак на револт оти Зендели беше сменет на пленарна седница, не предложи свој пратеник за заменик член на местото на Кирил Пецаков кој стана градоначалник на Охрид.

Според најавите, на денешната собраниска седница се очекува жестока дебата, бидејќи за ВМРО-ДПМНЕ власта продолжува со преседанот, новите членови и заменици да ги избира на пленарна седница, наместо предлозите да дојдат од Комисијата за избори и именувања.

За доекипирањето на Комисијата власта се повикува на истите членови од собранискиот Деловник како и при разрешувањето на Зендели, додека ова е спорно за опозицијата.

Комплетирањето на Комисијата за избори и именувања е битно, бидејќи преку ова работно тело треба да се доекипираат и другите собраниски комисии, изборот на нови четири уставни судии и членови на други институции.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Брус Вилис е тешко болен: Тажно е да се гледа легендата како се распаѓа пред вашите очи

Следно

Надлежните извршија контрола на светлосната сигнализација на повеќе крстосници низ Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian