Пропадна обидот за доекипирање на Комисијата за избори и именувања: Власта ги стокми членовите, ама не обезбеди кворум

6 mins read

Од мнозинството останаа само 59 пратеници, бидејќи двајца се дел од собраниската делегација во ЕУ, еден е болен, а за двајца Џафери не знаеше каде се. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт ја напушти салата поради обидот Комисијата да се доекипира на пленарна седница.

Пропадна обидот на владејачкото мнозинство да ја доекипира Комисијата за избори и именувања, бидејќи не обезбеди кворум да го изгласа дневниот ред откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт ја напушти пленарната сала. Власта погрешно се преброи за пленарната седница и остана со само 59 пратеници, бидејќи двајца пратеници се дел од собраниската делегација во ЕУ, еден е отсутен поради здравствени причини, а за двајца, како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери, не се знае каде се.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обидот на власта на пленум да ја доекипира Комисијата за избори и именувања го квалификува дека „виновникот секогаш се враќа на местото на злосторот“, алудирајќи на разрешувањето на пленарна седница на пратеникот од опозициската Беса Фадил Зендели, кој беше дел од Комисијата.

– Виновникот секогаш се враќа на местото на злосторот. Влегоа во замката како да го сменат членот на Комисијата, Зендели. Иако требаше комисиски да се пополни ова тело, повторно го прават на седница. Според Деловникот, членови предлага Комисијата. Не може за избор на нови членови да се повикувате на конститутивната седница, таа е завршена. Барам да се тргне точката од дневен ред и по гласањето, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напушти седницата. Не учествуваме во оваа фарса. Ќе направиме бела книга на кршење на Деловникот за да видите што сè сте направиле – рече Мицевски.

Џафери му одговори на Мицевски дека во белата книга веројатно ќе објаснат како го разрешиле претседателот на Собранието. Тој повтори дека на пленарна седница се избираат и разрешуваат членовите на Комисијата за избори и именувања. Мицевски возврати дека според логиката на власта, ќе нема потреба од постоење на Комисијата за избори и именувања, оти тој што има 61 пратеник ќе го предлага составот на пленарна седница.

Шефот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески им го честита, како што рече, новото лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ.

– Координаторите добија писмо да го известат Џафери за предлозите за претседател, членови и заменици во Комисијата, која беше блокирана. Опозицијата иако ја напушти седницата, очекувам дека ќе даде свои предлози за да се доекипираат сите работни тела, но за тоа треба да учествуваат во работата на Собранието, а не да блокираат – рече Митрески.

Комисијата за избори и именувања беше блокирана бидејќи мнозинството во тоа работно тело, наместо власта го имаше опозицијата. За нова претседателка на Комисијата, СДСМ ја предлага пратеничката Марија Георгиевска, која треба да дојде на местото на експретседателот Костадин Костадинов, кој стана градоначалник. Пратеникот Дарко Каевски е предложен од заменик-член да биде член на Комисијата, а на негово место за заменик-член се предлага да остане пратеникот од Алтернатива Хусни Исмаили, но сега како предлог од владејачката коалиција. Тој пред влегувањето на Алтернатива во власта беше заменик-член, но од опозицијата. Тој, пак, заменичкото место во Комисијата сега ќе му го отстапи на Елми Азири од опозициската Алијанса за Албанците. Во Комисијата испразнето ќе остане заменичкото место што припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, кое не предложи пратеник за заменик-член на местото на Кирил Пецаков, кој стана градоначалник на Охрид.

Трајанов: Власта да ги деблокира измените на Изборниот законик

Пратеникот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов побара власта да ги деблокира измените на Изборниот законик во делот на една изборна единица.

– Мнозинството пратеници ги поддржуваат промените, поради што е неопходно да се деблокира донесувањето на овие измени. Ние сме одговорни пратеници, свесни за рефлексиите на војната во Украина. Во услови на нарушена стабилност, Владата има сериозни обврски, нема никакви пречки Собранието нормално да работи – рече Трајанов и побара да се свикаат консултации со предлагачите и поддржувачите на законот за да се деблокира процесот.

Мицевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува иницијативата за една изборна единица и порача власта да не го блокира законот. Митрески од СДСМ ја поздрави поддршката на предлогот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и повтори дека за измени на Изборниот законик треба да има консензус од сите партии.

ЛДП: Делегацијата на македонско-руско пријателство да ја осуди инвазијата

ЛДП бара македонските претставници од Делегацијата за македонско-руско пријателство да побараат од нивните колеги од Русија јавно да ја осудат инвазијата врз Украина, во спротивно партијата ќе ја поддржи иницијативата за укинување на Пратеничката група за соработка со парламентот на Руската Федерација.

– Mакедонските пратеници не треба да соработуваат со пратеници што ја поддржуваат агресијата на Путин врз Украина и ги гласаат сите одлуки што им ги сервира Путин – велат од ЛДП.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Канатларовски повика 23 фудбалери за мечевите со Србија и Фарски Острови

Следно

Малолетник каснат од куче-скитник во Аеродром

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian