Ракометната репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за првиот бараж натпревар за пласман на СП против Романија што ќе се игра в четврток во СЦ „Борис Трајковски“.
Едни од главните адути на селекторот Кирил Лааров ќе бидат голманите Никола Митревски и Мартин Томовски кој вели дека Романците никако не смеат да се потценат.
– Полека созреваме како репрезентација и психолошки сме многу подобрени. Без преголема еуфорија треба да влеземе во овој натпревар со цел да го потврдиме нашиот квалитет. Романија е сериозен противник, имаме целосен респект кон оваа селекција. Треба да се истакне дека извлековме неколку лекции од ЕП во Дебрецен, па веќе секој од нас си ја знае својата задача на теренот. Подготвени сме, време е нашиот квалитет да го претставиме на терен – смета Томовски.