Лекари од селата плаќаат и по 250 евра за гориво

3 mins read

Ова е проблем за многу мои колеги. Ќе бараме Министерството за здравство да ни ги надоместува патните трошоци, особено откако се зголемија цените на горивото, вели Александар Ничовски, кој од родниот Охрид до Белчишта секој работен ден вози по 40 км

Дневно возам по 85 километри зашто амбулантата во која работам е во рурално подрачје. Околу 250 евра месечно ми е трошокот за гориво. И персоналот не сака да вози толку далеку, укажува Александар Ничовски од Охрид на сериозниот проблем со кој се соочуваат многу матични лекари што работат во руралните средини. Амбулантата во Белчишта, до која патува секој работен ден, е оддалечена повеќе од 40 км во еден правец од неговиот дом.

– Ова е проблем за многу мои колеги во целата држава. Ќе бараме Министерството за здравство да ни ги надоместува патните трошоци, особено откако се зголемија цените на горивото – вели Ничовски.

Тој смета дека еден од начините да се реши проблемот е со надоместување, односно со рефундирање на парите.

– Секоја година ни ветуваат дека ќе ни ги реновираат амбулантите што се амортизирани, но 15 години во мојата немаат една шајка ставено, а 450 пациенти се лекуваат тука – вели доктор Ничовски за „Слободен печат“.

Ова е само дел од маките на матичните лекари поради кои штрајкуваа. Клучно барање им е капитацискиот бод да се зголеми, зашто со сегашните 65 денари не можат да ги покријат трошоците, а им беше ветено дека ќе биде 95 денари.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека Министерството досега не реагирало на нивните барања.

– Доколку не ни бидат исполнети барањата до 7 април – Светскиот ден на здравјето – тогаш сите во бели мантили ќе штрајкуваме пред Министерството, и тоа повеќе денови – вели Чолакова-Дервишова.

„Министерството за здравство во соработка со сите засегнати страни веќе работи на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат матичните лекари. Формирани се работни групи во кои членуваат претставници од Министерството и други надлежни институции, кои прецизно и сеопфатно ги анализираат барањата на матичните лекари. Врз основа на анализите од работните групи, ќе бидат утврдени мерки за унапредување на статусот на оваа категорија лекари, а со тоа и подобрување на условите во примарната здравствена заштита“, ни рекоа од Министерството.

Матичните бараат промени и во Законот за здравствена заштита, со кои сите пациенти наместо да бидат ,,врзани” за факсимилот на лекарот, да ѝ припаѓаат на матичната ординација. Така, кога некој лекар ќе даде отказ или ќе замине во пензија, ги остава пациентите на истата матична ординација, наместо Фондот да ги брише од евиденцијата поради што ординациите губат базични приходи.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Лео Меси моли да се врати во Барселона, неговиот татко разговарал со Лапорта

Следно

Во недела голема акција за чистење на Скопска Црна Гора

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian