Како да ѝ помогнете на блиска личност која се соочува со ментална болест

6 mins read

Иако не постои човек кој има совршено ментално здравје, сѐ уште постои голема стигма околу менталните болести. Депресијата е водечка причина за попреченост во светот, а според Светската здравствена организација – еден од пет возрасни луѓе во САД се соочуваат со некоја ментална болест.

Сахаџ Каур Коли е основачка на „Brown Girl Therapy“, прва и најголема заедница за ментално здравје за деца на имигранти кои живеат на Запад.

„Како психотерапевт, честопати ми го поставуваат прашањето ‘Како да ѝ помогнам на драгата личност која се соочува со ментална болест?’. Со оглед на тоа што се соочуваме со неколку кризи, сметам дека сѐ повеќе луѓе патат во моментов“, вели таа.

Во продолжение, прочитајте ги нејзините совети за тоа како правилно да постапите со оние личности кои ви се драги, а се соочуваат со одреден ментален проблем.

1. Сослушајте ги и вреднувајте ги нивните чувства

Бидете љубопитни за нештата со кои се соочуваат вашите блиски личности и како нивниот проблем влијае врз нивното секојдневие. Наместо да поставување прашања чиј одговор е да или не, поставувајте им прашања кои ќе им дадат простор да го споделат тоа што го мачи. На пр. „Што се случува?“, „Колку долго ти се случува ова?“, „Како се соочуваш?“

Кога ќе ви одговорат, обидете се да ги вреднувате нивните чувства за да се почувствуваат сослушани и прифатени такви какви што се. Многумина кои се борат со своето ментално здравје честопати се осудуваат себеси за проблемот со кој се соочуваат.

Дури и ако не можете целосно да ги разберете нивните чувства или искуства, би било добро ако им кажете дека тие се совршено валидни.

2. Прашајте ги како можете да им помогнете

Наместо сами да процените каков вид помош им е потребна, прашајте ги директно – „На кој начин можам да те поддржам во оваа борба?“ или „Што би ти помогнало во моментов?“

Поддршката може да биде во многу форми и различна за секого – тоа што ќе биде добредојдено за една личност, за друга личност нема да биде потребно додека поминува низ тежок период.

3. Помогнете им со секојдневните обврски

На многу луѓе, кои имаат проблем со менталното здравје, им е неверојатно тешко да ги извршат и најосновните активности во секојдневието.

Наместо да им ја кажете обичната фраза „Тука сум ако ти требам“, бидете поспецифични со понудената помош. Кога ќе ги посетите, фрлете поглед наоколу и обидете се да воочите за што им е најпотребно да им помогнете. На пр. миење садови, бришење прашина или диплење облека.

Исто така, можете да им понудите да им правите друштво за време на закажаниот лекарски преглед или да им ги купите потребните намирници во продавница. Сѐ е во малите нешта.

4. Прославете ги нивните секојдневни победи

Кога една личност се соочува со ментален проблем, секој ден ѝ е исполнет со предизвици. Па, затоа заеднички прославете ги нивните успеси и победи.

На пр. тоа може да биде благодарност за тоа што ви се отвориле и биле искрени со вас или ако се победиле себеси и отишле на работа или излегле на прошетка со кучето во деновите немале волја за ништо.

5. Прочитајте нешто повеќе за нивната ментална болест

Наместо самите да зборуваат за нивната болест, одвојте време и научете некоја информација повеќе за тоа што се соочуваат вашите блиски. Со ова ќе ги разберете нивните секојдневни проблеми, но и ќе можете да ги препознаете ризичните симптоми.

6. Проверувајте ги редовно

Многумина кои се соочуваат со ментална болест чувствуваат вина дека им шират негативна енергија и дека им го одземаат времето на луѓето околу нив. Иако тие нема да го побараат тоа од вас – проверувајте ги, правете им друштво секогаш кога можете и потсетувајте дека ги сакате и дека сте покрај нив.

7. Сите ментални болести не се исти

Сите проблеми со менталното здравје не се исти. Кај некои луѓе тие се јавуваат како последица на некоја траума или животна ситуација, но некои луѓе живеат со вродена ментална болест. Ако вашата блиска личност се соочува со ментална болест од раѓање, тогаш тој проблем нема да помине туку-така.

Прифатете ги вашите блиски такви какви што се и потсетете ги дека ги разбирате во моментите кога ги откажуваат заедничките средби и кога ги прилагодувате плановите врз основа на тоа како се чувствуваат.

8. Нормализирајте го зборувањето за менталното здравје

Многу е важно да ја надминеме стигмата околу менталното здравје и да зборуваме за тие проблеми на ист начин како што зборуваме за секоја друга физичка болест.

Можеби не е лоша идеја и вие и да зборувате за своето ментално здравје, па така ќе им биде пријатно и на вашите блиски да зборуваат за своите проблеми.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Одбиена жалбата на Асанж против екстрадицијата во САД

Следно

Познат терминот кога Вардар ќе го пречека Веспрем во осминафиналето во ЛШ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian