ИНФОГРАФИК Дали и кога ќе застарат предметите на СЈО?

5 mins read

Годинава застарува едно кривично дело за обвинетите Томе Аџиев и други девет обвинети во аферата „Моќник“. В година ќе истече рокот за расчистување на обвинението против Сашо Мијалков за примање награда за противзаконито влијание во „Титаник 2“.

Бројни недовршени истраги и предмети не добија правна разврска во законски пропишаниот рок поради намерно одолговлекување на предметите и неажурност на судовите. За неефикасноста на судството има и објективни причини, но огромен е бројот на застарени предмети, а судии не се казнети поради тоа. Во последните три години само двајца се разрешени, иако застареле повеќе од 3.000 предмети.

Судскиот совет, кој и досега имаше законскa можност да санкционира судии, најавува дека тоа ќе се промени годинава со процесот на „прочистување“. Членовите на телото што избира и разрешува судии покренале постапки против најмалку четири судии кои не испорачале правда поради „изминат рок“, а за кои се сомневаат дека сносат лична одговорност за тоа.

Во случајот „Титаник“ куртулија 14 обвинети

Во јавноста најекспонирани беа истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но од тие предмети единствени од обвинетите кои завршија в затвор се ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и нејзиниот колега од МВР Ѓоко Поповски, кои беа осудени за случајот „Тенк“. Поранешниот премиер Никола Груевски за овој предмет беше осуден на две години, но тој избега во Будимпешта и доби азил од унгарските власти.

За изборни измами во „Титаник“, СЈО обвини 14-мина за злосторничко здружување, но тие немаа можност да докажат невиност, бидејќи предметот застаре лани. Обвинителите од поранешното СЈО со кои разговараше „Слободен печат“ направија пресек на истрагите што ги покренаа, а кои поради застареност може да не добијат судски епилог.

Инфографик, Изработил: Елисавета Бејкова/Слободен печат

– Поранешниот пратеник Илија Димовски, ексзаменичката на министерот за правда Билјана Бришкоска-Бошкоски, некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, потоа Мунир Пепиќ и други, ќе останат на обвинителната клупа, но им се „минусира“ едното кривично дело за кои првично беа обвинети. Предвидената казна за ова дело е до три години затвор, што значи дека апсолутната застареност настапува по двојно повеќе време, односно по шест години. Бидејќи обвинетите последните дејствија поврзани со делото ги сториле во 2014 година, рокот на застареност од шест години истекол лани – ни рекоа нашите соговорници.

Годинава застарува „Моќник“

Годинава застарува уште едно кривично дело – за обвинетите Томе Аџиев и други девет обвинети лица кои се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување во аферата „Моќник“. В година за Сашо Мијалков ќе измине рокот по однос на обвинението за „примање награда за противзаконито влијание“ во „Титаник 2“. За две години, против обвинетата Билјана Бришковска истото ќе се случи за делото „фалсификување исправа“ во „Титаник“, како и за поранешниот директор на УБК кој е обвинет и за ова дело. Аферата „Таргет/Тврдина“ во која Сашо Мијалков е обвинет за злоупотребата на службената положба и овластување и за злосторничко здружување застарува за три години, велат обвинителите.

Има и случаи во кои законот не предвидува скорешно застарување на делото, како во предметите „Тотал“ и „Труст“. Случајот „Тотал“, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ Латас, воопшто не може да се преквалификува под ново кривично дело даночна измама, бидејќи битието на делото за кое е обвинет Латас во обвинението на СЈО е даночно затајување, велат обвинителите. Релативната застареност за „Тотал“ доаѓа по 20 години, а апсолутната  – по 40 години. Во случајот со Латас, станува збор за продолжено кривично дело во периодот од 2008 до 2015 година.

Во предметот „Труст“ донесена е неправосилна пресуда, која релативно застарува за 20 години, а апсолутно за 40 години од кривично гонење.

Груевски се спаси во „Траекторија“

Груевски беше првиот кој се спаси од едно кривично дело од случајот „Траекторија“ во 2019 година поради апсолутна застареност. За другите обвинети, тој предмет застарува во 2023 година. Обвинението за „Траекторија“ е од 30 јуни 2017 година, беше одобрено на 1 ноември, а воведните зборови обвинителката ги даде дури на 1 март 2018 година. Судењето почна дури по девет месеци.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Димитриевски распали по Лопетеги: Доста плачете поради судиите, ова не е пазар

Следно

Домашна инвестиција на “Еликсир Дистрибуција” во општина Кисела Вода

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian