Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски се врати на голот на Раја Ваљекано и му помогна на својот тим да остане непоразен во дуелот со конкурентот за титулата, Севиља.
Рајо на домашен терен одигра 1:1 против Севиља која направи чекор наназад во трката за титулата, а по натпреварот тренерот на гостите Хулен Лопетеги се жалеше на судиските одлуки поради кои му беше поништен гол, а во финишот не беше досуден пенал за гостите.
Столе не му остана должен на тренерот на Севиља и му одговори да прекине да „плаче“.
– Сите само нешто се жалат на судењето и сите нешто само се обидуваат со тие жалби да добијат потоа во следниот викенд. Само затоа плачат. Сите плачат, сите нешто сакаат да добијат. И јас некогаш не ги разбирам критериумите на судиите, но секаде ова се случува. И треба да сфатиме дека и нивната работа е тешка и треба да се има респект. Судиите се луѓе, може да згрешат и треба да ги оставиме да работат … Тренерот на Севилја изјави дека имале голем влог, но и ние имаме голем влог. И ние играме во најдобрата светска лига од сите аспекти, а сите нешто се жалат, па ова полека почна да личи на пазар. Судиите треба да напредуваат, да, ама и ние треба да напредуваме – изјави Димитриевски за шпанските медиуми.