Војната во Украина го дестабилизира целиот континент: Европа не е безбедна, Балканот особено!

7 mins read

Според лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, безбедносната состојба во цела Европа е нарушена и никој во овој момент не може да тврди дека Европа е безбедна и дека така ќе остане. Истото се однесува и за Западен Балкан.

Не е нарушена безбедносната состојба во Македонија по инвазијата на Русија врз Украина, уверуваат министрите за внатрешни и надворешни работи Оливер Спасовски и Бујар Османи. Според Спасовски безбедносната ситуација е   стабилна, без индикации за нарушување и нема зголемување на бројот на влез во државата од која било страна. Според Османи, пак, како членка на НАТО имаме пристап до сите информации и нема информација за некаква закана или дека нешто ќе се случи.

Од друга страна, западните дипломати предупредуваат за потенцијална дестабилизација во регионот, а германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред тргнувањето на турнејата на Западен Балкан порача дека „мирот на Западен Балкан не е совршен, но е драгоцен“. ЕП пред три дена усвои Резолуција, со која, меѓудругото, ги осуди напорите на Русија да ги искористи етничките тензии во регионот за да го разгори конфликтот и да ги подели заедницитеници, што може да го дестабилизира Западен Балкан. Од друга страна, исходот од самитот на ЕУ во Версај покажа дека ниту нарушената безбедност не е доволна причина некоја земја да биде ставена на „брзата лента“ за членство кон ЕУ, како што се напразно се понадева Украина.

Според лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, безбедносната состојба во цела Европа е нарушена и никој во овој момент не може да тврди дека Европа е безбедна и дека така ќе остане.

– Истото се однесува и за Западен Балкан. Во регионот има структури што ја поддржуваат едната или другата страна во војната, Украина или Русија, има земји што се членки и земји што не се члкенки на НАТО, но во земјите има и структури што посакуваат разгорување на конфликтот и го хранат со провоцирачки изјави. Последен пример беше неодамнешната изјава на Рамуш Харадинај дека Белград ќе биде бомбардиран ако српски војник влезе во Косово. Значи има провокации и ќе има и не може никој да тврди дека сме бебедни. Погледнете само што се случи во Хрватска кога воено летало од Украина се урна во Загреб – вели пратеникот Трајанов за „Слободен печат“.

Тој додава дека ние мора самите да водиме сметка за нашата безбедност и стабилност.

Трајанов вели дека ако некоја држава треба да добие забрзување кон ЕУ, тоа е Македонија, затоа што чека со години и одамна ги има исполнето сите барани услови и критериуми. Но, шансите се мали.

– Јасно е дека Бугарија нè блокира под влијание на Русија. Бугарскиот претседател Румен Радев е под влијание на Русија, но ниту тоа во сегашната ситуација нема да биде доволен елемент за ЕУ да врши притисок врз Бугарија да го симне ветото за нашата земја, затоа што Бугарија е многу важна за Европа поради нејзината геостратешка позиција на Црното Море. Само Германија евентуално ако успее да ја одоброволи Бугарија. А тоа дека Украина ќе биде примена во ЕУ, па и во НАТО се шарени лаги. Секако, добро е Украина да биде членка, но реално, нема. Нема да има брзи интеграции – вели Трајанов.

Самитот на ЕУ во Версај не им испорача забрзана перспектива ниту на Украина, Грузија и Молдавија, кои побараа членство по руската инвазија врз Украина, но  ниту на земјите од Западен Балкан. Во Брисел остануваат на ставот дека критериумите за членство остануваат суштински за која било земја да напредува во процесот.

Според Васко Наумовски, поранешен министер за европски прашања, за проширувањето ќе одлучуваат големите членки.

– Покрај обидите за посредништво во руско-украинскиот конфликт, Франција ќе се обиде да ја потврди својата водечката улога во ЕУ и преку извесен напредок во проширувањето, веројатно кон крајот на нејзиното претседателство, после претседателските избори кај нив. Безбедносните кризи се дополнителен поттик за зацврстување на европската солидарност, но тоа ќе зависи од политичката волја на големите држави-членки на ЕУ и од препознавањето на можното дестабилизирачко влијание врз Балканот од руската инвазија. Иако со најновиот развој на настаните се зголемуваат шансите за напредок во проширувањето, треба да бидеме внимателни во очекувањата, имајќи ги предвид случувањата во минатите години – вели Наумовски за „Слободен печат“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека имаме стабилна безбедносна ситуација, а најголемиот предизвик ќе ни биде енергетската и економската криза, кон која треба да биде насочен фокусот на Владата, институциите и на сите граѓани.

– Имаме постојана комуникација на домашните и партнерските служби, заедно работиме и во тој дел граѓаните треба да бидат спокојни. Институциите функционираат и нема ништо што во тој дел може да не загрози, а будно ќе ги следиме сите состојби што се на регионално ниво и оние што се поврзани со состојбата во Украина – изјави Спасовски.

Путин бара каде да возврати за санкцииите

ЕУ мора да ја преиспита својата политика кон Западен Балкан инаку на регионот му се заканува дополнителна дестабилизација што може да доведе до оживување на воените судири, вели Гералд Кнаус од влијателниот тинк-тенк од Берлин, Европска стабилизациска иницијатива.

– Москва моментно има интерес да го дестабилизира Западен Балкан. Путин, притиснат од санкциите и од воената помош на ЕУ за Украина бара простор за противудар. Западен Балкан е идеална можност за тоа – вели Кнаус.

Тој предупредува дека ЕУ не смее да ја повтори грешката како во Украина, туку на земјите од Западен Балкан треба да им понуди јасна перспектива за влез наместо да ги повторува истите фрази на кои никој веќе не им верува.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Нови напади во Украина

Следно

Лекарите предупредуваат: Ако ги „пукате“ прстите, можете да зажалите во староста

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian