Што прави денеска: Коста Ангов, актер

3 mins read

Харизматичниот Коста Ангов е долгогодишен актер во НТ „Антон Панов“ од Струмица. Учествува во претстави на театарот уште од 2003 година прво како хонорарец, а по дипломирањето на факултетот за драмски уметности, во 2013 година е вработен и станува редовен член на драмскиот ансамбл на струмичкиот театар. Ангов може да се пофали со плодно актерско портфолио – досега одиграл триесетина улоги во претстави како: „Животинска фарма“, „Тетовирани души“, „Дванаесетта ноќ“, „Стаклена менажерија“, „Последниот ден на Мисирков“, „1984“, „Крвави свадби“, „Роденден“ и др. Ангов остварил улоги во неколку кратки и ТВ-филмови, меѓу кои: „Игра и спас“, „Болка на душата“, „Ненормален“… Од 2012 година е дел од драмско-кукленото студио ДУМОН од Струмица, кое секоја година организира „Летна школа за театар“ со деца од основните училишта.

Фото: Приватна архива

А, како изгледа едно секојдневие на Коста Ангов?

„Во последните неколку месеци, конечно почна да попушта масовната хистерија, што го зафати целиот свет, по започнувањето на пандемијата со коронавирусот. Секако, и ние не бевме поштедени од сето тоа. Работата во театарот се сведе на минимум, се подготвуваа малку нови претстави, а тековните уште помалку се играа. Но, сега полека се враќаме во колосек и продолжуваме со работа, како и пред пандемијата.

Фото: Приватна архива

Во таа смисла, и еден мој просечен ден, пред сѐ, е исполнет со активностите во театарот. Деновиве се будам околу 8.30 часот, па по вообичаената утринска рутина, одам во театар каде што во 10.00 часот почнуваат пробите за новата претстава на струмичкиот театар „Паника во хотел Палас“ во режија на Коле Ангеловски. Бидејќи почнавме да го враќаме репертоарот и да играме претстави навечер, дневната проба обично завршува околу 14.00 часот.

Потоа следува пауза за ручек, па малку одмор и „игри без граници“ со мојата петгодишна ќерка.
Во 18.00 часот се враќам во театарот, или за вечерна проба или за играње некоја претстава, и тоа обично завршува околу 22.00. Покрај работните обврски во мојот матичен театар, почнав да работам и еден независен проект, па така, последните часови од денот некогаш ги поминувам во читање, истражување и планирање поврзано со овој проект, кој би требало да се случи некаде во мај.

Фото: Фејсбук

И, се разбира, секогаш кога можам, денот го завршувам со некој филм или серија, со добар фудбалски натпревар или партија покер со пријатели, некоја видеоигра, или преведувам некаков текст, или ги нервирам моите домашни со гитарата и уште мал милион нешта кои можат на човек да му паднат напамет. Сепак, човек мора малку и да се опушти! И така опуштено, денот завршува со длабок и мирен сон, а утре продолжуваме таму каде што застанавме денеска. Живот.“

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Зеленски: Русите не можат да не’ освојат, применуваат терор

Следно

ВИДЕО: Кулушевски не сакаше да зборува на македонски јазик по мечот со Јунајтед!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian