Во дербито на 20 коло во најсилното француско првенство екипата на ПСЖ на домашен терен го совлада Нант со 34:28 (19:15).
И по 20 одиграни мечеви составот на Раул Гонзалез не знае за пораз, се наоѓа на првото место со 40 бодови, девет повеќе од второпласираниот Нант, а исто толку има и Екс на третата позиција.
Во победничките редови Ремили седумпати се запиша во листата на стрелците, а по шест голови имаа Шипжак и Хансен.
На спротивна страна Мин запиша пет погодоци, додека македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров забележа три.
Во понеделник нашиот селектор треба да биде во Скопје каде што на 17 март ќе ја пречекаме Романија во првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2023.
Уште еден наш репрезентативец се наоѓа во добра форма, Жарко Пешевски во 24 коло од Бундеслигата беше прв стрелец во поразот на Штутгарт против водечкиот Магдебург (27:30). Пешевски реализираше пет голови, колку и неговиот соиграч Кристјансон.