Ако никогаш не сте имале ковид-19, какви се шансите да се заразите во иднина?

4 mins read

Ако почнете да живеете „нормално“, ако ги тргнете маските, одите во ресторани, шопинг или во кино – кои се шансите и понатаму успешно да го избегнувате ковид-19?

Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) проценува дека околу 43 отсто од населението во САД или 140 милиони лица биле заразени со ковид-19, а околу 60 отсто од населението никогаш ја немале оваа болест. Стручњаците сметаат дека од овој вирус нема така лесно да се ослободиме, барем во блиска иднина, но тоа не значи дека мора да се заразите.

„Од моја перспектива, не е неизбежно дека ќе се заразите со вирусот, а на пример, на места каде што е мала стапката на заболени, голем број лица кои немале ковид-19, нема ниту да го добијат, бидејќи нема да бидат изложени на вирусот“, појаснува д-р Боб Вочер.

Оние кои се вакцинирале и понатму имаат заштита од потешка форма на болеста, додава д-р Питер Чин-Хонг, инфектолог, и додава дека не мора да значи дека ќе се разболете, иако вирусот е сѐ уште присутен.

„Дали можеме да се заразиме? Тоа е можно. Да запомниме дека вирусот е сѐ уште присутен и дека предизвикува страдање за голем број луѓе, а околу 2000 смртни случаи во Америка неделно не се „прошетка низ парк“, додава тој.

Сепак се согласува дека со мала претпазливост, можеме лесно да ја избегнеме болеста додека уживаме во животот. Докторот вели дека додека вечера во ресторани или пие кафе во кафулиња, многу добро внимава да избегнува ризични однесувања, па секогаш избегнува места во кои се присутни многу луѓе.

„Тоа е добар баланс помеѓу стравот и анксиозноста и желбата сите да се вратат во нормала, а тоа е тешко“, потенцира д-р Вочер.

Д-р Абрар Каран, инфектолог, додава дека попуштањето на мерките не значи дека ќе страдате поради инфекцијата.

„Во основа сметам дека сѐ може да биде многу побезбедно, па на пример, службите би требало да обезбедат добро проветрени простории во кои се работи или во училиштата, а маските мора да бидат секогаш достапни на оние на кои им се потребни“, појаснува д-р Каран.

Тој додава и дека лицата кои се во ризични групи или имаат автоимуни болести, сепак, треба да внимаваат малку повеќе и да се обидат да ја избегнат инфекцијата на сите начини, со носење маска и избегнување на места со голем број луѓе, на пример, вежбална или преполни кафулиња.

Стручњаците велат дека постојат дополнителни придобивки ако успеете да ја избегнете инфекцијата, дури и ако се случи инфекцијата да ја „соберете“ подоцна. Колку подолго трае пандемијата, толку повеќе знаеме за вирусот, што значи дека ќе има сѐ поквалитетни начини на лекување.

„Одложувањето на инфекцијата всушност не е доволно ценет момент. Којзнае што ќе се случи за пет месеци, дали ќе имаме повеќе да им понудиме на пациентите“, додава д-р Каран.

Додека нема никакви гаранции во оваа пандемија, експертите сметаат дека најважно е луѓето да најдат начини да се вратат во нормален живот и да останат флексибилни додека вирусот е сè уште во оптек.

„Постои баланс дури и за најзагрозените групи, треба да се вклучиме во животот и да не бидеме осамени, но исто така треба и да бидеме одговорни на многу нивоа“, заклучува тој.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Зеленски: Досега се убиени околу 1.300 украински војници

Следно

Вардар се врати на Арената „Тодор Проески“ и победи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian