Сања Ристиќ Пецаковска: Животот не ни е секогаш насмеан како на среќните фотографии, и јас имам тешки денови

5 mins read

Разговараме со Сања Ристиќ Пецаковска, специјалистка за маркетинг, инфлуенсерка и сопруга на ракометарот Дејан Пецаковски. Сања неодамна беше избрана за инфлуенсер на годината во категоријата „insta parents“, пренесува порталот „Еспресо.мк“.

Што за тебе значеше наградата инфлуенсер на годината?

– Многу ми е драга таа награда бидејќи конкретно беше за „insta parents“. За мене е огромно признание да ми се врачи таа доверба дека сум гледана како добар пример за родител. Део и Иан се всушност и позабавниот дел од профилот и сосема заслужено наградата оди за нив овој пат.

Што за тебе значи да се биде инфлуенсер?

– Претпочитувам да кажам влијателна личност. Се трудам на најпозитивен начин да ги пренесам моите секојдневни искуства на следачите и секогаш гледам како одреден пост некому ќе помогне, ќе го разведри, ќе го насмее, ќе го мотивира, ќе го информира.

Сања Ристиќ Пецаковска
Сања Ристиќ Пецаковска / Фото: Приватна архива

Свесна ли си за влијанието што го имаш на другите?

– Свесна сум за влијанието кое го имаме на илјадници следбеници и затоа и тоа како внимавам тоа да не се злоупотреби. На мојот профил има секогаш искрени постови, дури и оние кои се рекламни се конкретно производи што јас лично ги користам и од кои сум задоволна.

Може да сретнете пост и како плачам и како се смеам, а со тоа тенденциозно сакам да покажам секому дека животот не ни е секогаш насмеан како на среќните фотографии, и јас имам тажни и тешки денови, имам падови, имам проблеми.

Најчест коментар од следачите ми е дека им се допаѓа мојот профил бидејќи е сосема спонтан и природен – всушност тоа е и мојата цел, да прикажам дел од мојот живот баш онаков каков што е.

Кои се најважните пораки кои сакаш да ги пренесеш?

– Да бидеме позтивни, насмеани, да се храниме здраво, да вежбаме и да си ги негуваме душата и телото.

Што те прави среќна?

– Да се сите околу мене насмеани, здрави и среќни.

Сања Ристиќ Пецаковска
Сања Ристиќ Пецаковска / Фото: Приватна архива

Кои се оние мали нешта што ти го прават денот убав?

– Првата утринска прегратка од Иан и Део и нивните весели очиња, сонцето, вкусно чајче, делотворен разговор.

Тајните на убавината?

– Го сакам природниот изглед и убавина и кај себе и кај секоја жена, користам минимално и само природна козметика, многу ретко користам шминка и таа гледам да е со природен изглед. Убавината си доаѓа однатре, од енергијата што ја носи и шири една личност и истата не ја поврзувам со физичкиот изглед.

Сакаш ли да готвиш и кое е твоето омилено јадење?

– Сакам да готвам исклучиво кратки, брзи, едноставни рецепти. Не сум љубител на поминување часови во кујна. Вегетаријанец сум и сакам сè што е подготвено со доста зеленчук. Тестенините ми се слабост.

Сања Ристиќ Пецаковска
Сања Ристиќ Пецаковска / Фото: Приватна архива

Дали си строга мајка?

– Мислам дека не сум многу строга, но поминувам многу време со децата за да им создадам убави навики и секако ги учам дека има правила и начини на однесување кои треба да се почитуваат. Проблемите сакам да ги решам со разговор и објаснување со децата и сакам да се вклучени во истиот, односно сакам да разберат за што зборуваме наместо да им наредувам и да чекам да извршуваат наредби.

Како го запозна твојот сопруг?

– Од несреќа до среќа (се смее, н.з). Се запознавме со Дејан на терапија за спортски повреди, сосема случајно, неочекувано, никогаш претходно не сме слушнале еден за друг. Односно, не се запознавме туку само се погледнавме. Интересниот момент е дека по таа средба јас се вратив на работа и објаснував на колегите какво момче сум видела и дека „ете го најдов сопругот на мојот живот“. Во истиот момент тој се јавил на својот најдобар другар, наш денешен кум, и му рекол „си ја најдов жената на својот живот“. Потоа ме додаде на социјалните мрежи и официјално се запознавме. Оваа приказна ми покажа уште еднаш дека ништо не е случајно и дека треба да веруваме на знаците кои ни се прикажуваат во животот. Тој еден поглед прерасна денес во среќно забавно семејство со две најмили дечиња.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Детали од хрватските власти: Радарските системи го следеле летот на дронот од влезот до падот

Следно

Фатил крадци на неговиот имот, тие го претепале

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian