ВИДЕО | Ружица Милошеска – Брчиоска од „Ареа“: Корона-кризата ја изнедри духовноста во мене

5 mins read

Култниот македонски бенд „Ареа“, кој се смета за своевиден столб на рок-музиката во земјава, ја започнаа 2022 година со нова песна. Станува збор за блуз рок балада со наслов „Ангелу мој“, нумера која ќе биде дел од нивниот нов албум, кој, како што вели брачно-музичката двојка Ружица и Ивица, треба да биде готов напролет. Со новиот албум, „Ареа“ сака да одбележи еден убав музички јубилеј, 30 години постоење на македонската музичка сцена. Албумот е во завршна фаза, а планираат да одржат и повеќе концерти, но во зависност од условите на пандемијата.

Фото: Приватна архива

– Оваа година е јубилејна за „Ареа“, во прашање се 30 години од постоењето на групата и следните наши активности ќе бидат насочени кон издавање на албумот кој е во завршна фаза и кој би требало да излезе напролет, снимање на спот за една од песните и концерти на кои би ги претставиле новите песни во живо – вели Ружица Милошеска – Брчиоска за „Слободен печат“.

Безвременските хитови на „Ареа“, меѓу кои, „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Нешто недостасува“, „Јас сум ти пријател“, „Да пеам… сепак можам!“, „Фреквенција на љубовта“, „Колку ми значиш“, ги пеат генерации и генерации. „Ареа“ со секоја песна нѐ потсетува дека сѐ уште постои квалитетна музика на овие простори, така што, верната публика со нетрпение го чека излегувањето на новиот албум.
– Албумот сѐ уште нема име, сѐ уште не сме го крстиле – вели Ивица Брчиоски.

Инаку, песната „Ангелу мој“ ја пуштија во етер како сингл пред безмалку два месеца. Ружица појаснува дека композицијата е на „Ареа“, поточно текстот е нејзин, а музиката на Ивица Брчиоски, чиј е и аранжманот. А, зошто песната го носи тој наслов, која е симболиката на насловот на нумерата?

– На прашањето зошто песната е насловена „Ангелу мој“, би одговорила дека обично со ангел му се обраќаме на некој кој ни е мил, кого го чувствуваме како близок и во кој гледаме нешто чисто и светло. Инаку, јас верувам во божествената природа на луѓето и во тоа дека во длабочината на душите е чисто и светло, за што можеби не сме ниту свесни – раскажува Ружица.

За тоа од каде дошла инспирацијата за текстот и што претставува песната, Ружица вели:

– Иако не ги објаснувам моите текстови, туку оставам слушателот да си најде самиот нешто во нив, сепак, затоа што вие сте едни од ретките кои ми го поставиле ова прашање, би ви одговорила дека темата е од духовен карактер, каде што преку една приказна, сакав да пренесам една претпоставка, а таа е дека и покрај физичката раздвоеност на луѓето, можно е поврзување на едно друго ниво, а тоа е духовното. Тоа е оној дел во песната каде што пеам: „Сѐ уште си светла точка ти“ и друг дел: „А, како ти ми се оддалечуваш сега, така јас сѐ појасно тебе те гледам“… Ех, што направи од мене корона-кризата и периодот на изолација (смеење) – вели Ружица за „Слободен печат“.

Првиот јавен настап како група, „Ареа“ го имаa на скопскиот „Рок Фест“ во 1992 година, кој во тоа време важеше за култна манифестација. Ружица вели дека од самиот почеток па сè до денес се трудат да бидат максимално оригинални и искрени во тоа што го работат и дека најверојатно на тоа се должи фактот што и по три децении сè уште имаат публика. А, верната публика едвај го чека нивниот нов музички производ.

Инаку, бендот „Ареа“ е основан во 1991 година и има издадено шест албуми.

Интервју со Ружица Милошеска – Брчиоска: Ќерката Елена го наследи музичкиот талент од нас и е придружен вокал на „Ареа“

Што прави денеска: Ружица Милошеска – Брчиоска, пејачка на „Ареа“

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Курти: Косово има најскап зејтин во светот, цената е вештачки надуена

Следно

Нејмар демантира дека се степал со Донарума

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian