Заврши состанокот на Комисијата за заразни болести: Учениците ќе продолжат да носат маски

3 mins read

Интересот на граѓаните да се вакцинираат со прва, втора или трета доза вакцина не е зголемен на посакуваното ниво и покрај напорите на Министерството за здравство да го зголеми вакциналниот опфат преку испраќање на СМС пораки за ризичните групи граѓани и оние кои имаат повеќе коморбидитети со точен термин и пункт за вакцинација.

Како што брифираат за Слободен печат извори од Комисијата за заразни болести, тоа е причината поради која маските за учениците во училиштата нема да паднат додека не се постигне солиден вакцинален опфат. Според нашите извори, доктори од Комисијата, Македонија би била првата земја во светот што би ги укинала маските на само 41 процент вакцинирано население и таков ризичен потег не доаѓа предвид. После денешната седница на Комисијата за заразни болести не беа донесени нови мерки и препораки откако е увидено дека интересот за вакцинација не се зголемува.

Во меѓувреме, Владата на седница ги прифати предлозите на главниот координативен кризен штаб и на Комисијата за заразни болести за справување со последиците од ковид 19. Така, владата донесе одлука да се укине мерката за задолжително поседување сертификат за вакцинација за влез во трговските центри, за кои останува задолжително носењето заштитни маски. Обврската за задолжително поседување вакцинален сертификат останува за влез во угостителски објекти каде се служи храна а кои се во состав на трговските центри. Исто така, со последната одлука на владата, сите граѓани кои прележале ковид 19, ќе може да добијат сертификат за прележаност кој наместо досегашните 45, ќе има важност од 180 дена сметано од датумот на позитивниот ПЦР тест.

Бремените жени согласно препораката на Комисијата за заразни болести која беше усвоена од Владата, треба да се вратат со физичко присуство на работните места и им се препорачува да се вакцинираат. За излез од Република Северна Македонија на сите гранични премини, се укинува задолжителното приложување на ковид 19 сертификат. Меѓутоа, граѓаните кои патуваат, треба да проверат какви се барањата на државата каде што одат, бидејќи таму истиот е можно да им се бара.

Епидемиолошката состојба со ковид во земјава е стабилна и бележи тренд на опаѓање и на позитивните и на хоспитализираните и на смртните случаи. Последната недела регистрирани сe 2.504 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 32,3 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивност е 14 проценти од направените тестови.

За седум дена тестирани се вкупно 17.416 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на Сарс Ков 2, со намалување од 9,4 проценти во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, вкупно 1.418. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи но најмногу од заболените имаат повеќе од 60 години. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции и 44 смртни случаи, што е помала смртност за 35,3 проценти во однос на претходната недела. Во земјава има 2248 активни случаи на ковид 19, а изолацијата за нив трае 7 дена ако немаат симптоми и дополнителни три дена ако имаат симптоми.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Вардар сака победа против Елверум за крај на групната фаза од ЛШ

Следно

Град Скопје: Ја повикуваме госпоѓата Јанчева да ги врати сите пари што ги потрошила од сметката на град Скопје за кафеани

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian