Јас немам потпишано одлука Бесмира Ејупи да биде генерален конзул во Њу Џерси, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
-Ние таму имаме конзул кој е дипломат од кариера и таму ќе остане веројатно до крај на мандатот – рече Ковачевски на ТВ 24.
За случајот со Ејупи јавноста дозна откако беше објавена информација дека таа на владина седница била назначена за генерален конзул во САД, без да ги исполнува законските услови за таа позиција. Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја демантираше информацијата за назначувањето, но не откри детали поради тајноста на затворените владни седници.
Подоцна, медиумите открија дека Ејупи и нејзината сестра за нецела година добиле над 17.000 евра од редица институции кои ги ангажирале.
Во однос на прашањето дали одлука за Ејупи била донесена на затворена владина седница, и Ковачевски вечерва рече дека за одлуките на таква седница не може да коментира, бидејќи информациите се доверливи.
-Јас не ја познавам Ејупи, ниту станала конзул – посочи Ковачевски, додавајќи дека за нејзиното име првпат слушнал на вести.