Шарен и здрав рецепт на Стефанија Несторовска: Зелена тава со јајца

5 mins read

Инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш знае да нѐ изненади со своите рецепти, а тоа го направи и овој пат. Како што вели Стефанија, таа обожава зеленило во исхраната, а доказ за тоа е и оброкот што ни го приготви денеска. Во него има вкупно три типа на зелен зеленчук. Не може да биде поздраво од ова?

Ако имате проблем со внес на зеленчук во текот на денот, рецептот т.н. „зелена тава“ е одличен начин да го поправите тоа.

Неколку причини поради кои внесот на зеленчук треба да биде приоритетен во здрава, балансирана исхрана:
– Содржи висок процент на витамини, минерали и антиоксиданти
– Содржи низок процент на калории. Стефанија често знае да го користи зеленчукот за да зголеми на волумен на самиот оброк. На овој начин е заситена, а не додава непотребни калории.
– Некои студии покажуваат дека луѓето кои внесуваат висок процент на зеленчук во текот на денот (на подолг рок) ја превенираат појавата од потенцијални болести.

Зелена тава со јајца

Состојки:

– 250-300 гр прокељ, свеж (околу 20-тина топчиња)
– 500 гр спанаќ, свеж
– 1 тиквичка
– ½ од главица кромид
– 3 чешниња лук
– 4-5 јајца
– сол, бибер, оригано, кимион (или зачини по желба)
– маслиново масло или масло за готвење по желба
– авокадо (по желба, за топинг)
– магдонос (по желба, за топинг)

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

Подготовка:

1. Прво подгответе ги сите зеленчуци, за да бидат подготвени за готвење.
2. Прокељот се премива со ладна вода, се процедува и се пребришува со крпа, за да впие колку што е можно повеќе вода. Се отстранува првиот слој од ливчињата и крајчињата на секое топче. Се сецкаат сите на мали лентички. Тука може да се користи сецко, ренде или мандолина за да се поедностави процесот. Јас користев сецко и за 2-3 минути ги изрендав сите. Се остава настрана додека ги подготвувате другите работи.
3. Спанаќот се премива со ладна вода и се сецка на ленти. Не мора да бидат совршени, и така ќе се пржи. Се остава настрана. Тиквичката се премива и се ренда.
4. Кромидот се сецка на мали коцкички, а лукот се сецка на многу ситно или во преса за лук се пресира.
5. Се загрева поголемко тавче на средно-висока температура. Се додава масло за готвење (околу 2-3 лажици) и се остава и тоа да се загрее малку.
6. Се додава кромидот и се пропржува неколку минути. Кога ќе омекне, се додаваат лукот и зачините. Се остава да се пропржи сѐ заедно 2-3 минути, таман за сѐ да добие боја и да почнат сите намирници да испуштаат арома.
7. Се додава исецканиот прокељ, се промешува за да се соедини и се остава да се пржи 4-5 минути. Нека фати малку кафеава, потпржена боја. Доколку е потребно, се намалува температурата.
8. Потоа се додава тиквичката, се промешува и се остава да се пропржи и тоа.
9. На крај се додава спанаќот, се промешува за да омекне и да се содини со другите состојки.
10. Кога сето тоа е готово, се намалува температурата на ринглата, се прават 4-5 вдлабнатини за да се искршат јајцата во нив. Се посолуваат јајцата со сол и бибер и се оставаат да се зготват онолку време колку што сакате да бидат зготвени. Јас не ги сакам живи, па ги пржев околу 5-6 минути се додека не се комплетно зготвени. По желба може да поклопите со капак додека се пржат.
11. Тавата се трга од ринглата, се додава исецканиот магдонос и авокадо (по желба) и е подготвено за сервирање.
12. Мене ми е највкусно кога е свежо и топло, но по потреба може да се складира во затворен, стаклен сад во ладилник и да се загрее пред да се јаде.

Стефанија Несторовска/Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Турција отфрла секаков „лов на вештерки“ против рускиот народ и култура, вели Ердоган

Следно

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да ги признае економските мерки и да ги гласа во Собранието

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian