Поранешниот репрезентативец Мајнов нов извршен директор на РК Бутел Скопје

2 mins read

Некогашниот македонски репрезентативец, кој сега има 41 година, заврши со активното играње ракомет во 2018 година во Ал-Наср од Дубаи.

Зад себе десниот бек има богата кариера и ги носеше дресовите на романскиот Одорхеи, норвешкиот Елверум, белорускиот Мешков Брест, францускиот Трембле, хрватскиот Загреб, а на домашна сцена играше за Вардар, Металург и Еурофарм Работник.

Тимот на Бутел Скопје денеска го промовираше новото име во Управниот Одбор на клубот, кој истовремено ќе биде и Извршен директор, Лазо Мајнов.

– Сакам да се заблагодарам на управата на клубот за довербата која ми ја дадоа да бидам извршен директор на Бутел Скопје. Драго ми е што после пауза од четири години се враќа во ракометот во друга функција и тоа во клубот во кој ги имав првите чекори во ракометот. Ќе се залагаме во општина Бутел да отвориме школи во секое училиште за да го подигнеме ракометот со млади и нови таленти – изјави Мајнов.

Претседателот на клубот, Влатко Тасевски го објасни ангажманот на некогашниот десен бек.

– Целта на ангжманот на Мајнов ни е да ја зголемиме управувачката структура во клубот, со цел подобри резултати, подобри услови и популаризација на ракометот на територија на општина Бутел. Планот ни е да отвориме школи за младински категории во три населби – Бутел, Радишани и Визбегово. Како клуб којшто се грижи за иднината на младите, преку ракометот тие ќе имаат можност да развијат физички вештини, да вежбаат, да се дружат, да се забавуваат, да научат што е тимска работа, да научат да играат фер и да ја подобрат својата самодоверба. Во однос на првата екипа, плановите се место во ТОП 3 во Суперлигата и чекор напред на европска сцена – рече претседателот Влатко Тасевски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Руслана го предизвика Илон Маск: Стани наш спасител!

Следно

ВИДЕО | Ковачевски: Основната храна се ослободува од ДДВ, бензините поевтинуваат со намалената акциза

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian