Ќе се „сечат вени“ и за двајца нови членови на Комисијата!?

5 mins read

ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи заменик член во Комисијата со образложение дека одбива да ја „легализира дивоградбата на власта што го прекршила Деловникот со разрешувањето на Зендели“.

Како што власта на пленум го разреши пратеникот од Беса Фадил Зендели од член на Комисијата за избори и именувања, така сега и изборот на новите членови и заменици, наместо на предлог на Комисијата, ќе ги избира директно на пленарна седница, потврдуваат за „Слободен печат“ од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи заменик член во Комисијата со образложение дека одбива „да ја легализира дивоградбата на власта што го прекршила Деловникот со разрешувањето на Зендели“. Дали ќе има нова драма во Собранието и при изборот на новите членови во Комисијата за избори и именувања, ќе зависи од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која разрешувањето на Зендели го оцени како преседан.

Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува идната недела да ја свика пленарната седница за доекипирање на ова работно тело, кое е битно и за избор на четири уставни судии.

Џафери преку писмо им даде рок на координаторите на пратеничките групи до утре да номинираат пратеници за членови на Комисијата за избори и именувања.

Во Комисијата треба да се избере претседател на местото на досегашниот претседател Костадин Костадинов, кој стана градоначалник, а треба да се избере и еден член на местото на сега разрешениот Зендели. И за двете позиции СДСМ треба да предложи свои пратеници. Треба да се изберат и двајца заменици членови, и тоа ВМРО-ДПМНЕ треба да му најде замена на Кирил Пецаков, кој стана градоначалник на Охрид, и Алијанса за Албанците, која треба да номинира свој член на местото на пратеникот од Алтернатива Хусни Исмаили откако таа партија стана владејачка. Според информации од СДСМ, можно е Исмаили да остане заменик член, но сега како дел од владината коалиција, со тоа што СДСМ нема да номинира заменик член.

– Нема да предложиме заменик член во Комисијата за избори и именувања, бидејќи немаме намера да ја легализираме дивоградбата на власта која го прекрши Деловникот со разрешувањето на Зендели на пленарна седница. Не го ни примив писмото од Џафери, односно одбив да го потпишам. Зошто Џафери не ни испрати писмо кога ги отфрли 400-те амандмани против разрешувањето на Зендели? Но, бидете сигурни дека јавноста ќе има сознанија за сè што се случува во оваа комисија. Ќе бидеме гласни и ќе разговараме за секој предлог што ќе биде доставен до Комисијата – вели Мицевски.

Од СДСМ велат дека ако ВМРО-ДПМНЕ не предложи свој заменик член, тоа место ќе остане празно, но Комисијата ќе се оформи. Оттаму потсeтуваат дека и во 2014 година, кога СДСМ како опозиција ја бојкотирала работата на Собранието, нивните места во Комисијата останале празни.

За намерата новите членови и заменици да се избираат на пленарна седница, а не предлозите да дојдат од Комисијата, од власта велат дека по разрешувањето на Зендели директно на пленум, враќање назад нема.

За изборот на новите членови власта повторно ќе се повика на членот 114 од Деловникот, кој ги уредува изборот, именувањата и разрешувањата на носители на јавни и други функции.

„Собранието врши избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден со Уставот и со закон“, како и со членот 68 од Уставот каде што пишува дека „Собранието врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон“.

Токму тие членови беа спорни за ВМРО-ДПМНЕ при разрешувањето на Зендели, бидејќи според опозицијата, член на комисија не е јавна функција и со тоа власта го злоупотребила Деловникот.

Од власта велат дека изборот на новите членови и на замениците директно на пленарна седница ќе важи само за Комисијата за избори и именувања. Откако таа ќе се доекипира, дооформувањето на другите собраниски комисии прво ќе оди на Комисијата за избори и именувања, па на пленарна седница.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Нуклеарна војна: Кое е совршеното засолниште на планетата?

Следно

Од Суми евакуирани речиси 3.500 луѓе, 27 цивили загинале во Харков

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian