Америка ја пофали Србија: Ја избравте вистинската страна, сега да ги спречите лажните вести

4 mins read

Карен Донфрид, висока претставничка на американскиот Стејт департмент, го пофали гласањето на Србија за резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската агресија врз Украина, но и го повика Белград да се координира со ЕУ и САД за спречување на ширењето на руската пропаганда и дезинформациите, јави дописникот на МИА од Белград.

Донфрид, помошничка државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, изјави за РТС дека поради позицијата на Србија во 1990-тите, „очекувала таа да предничи во хорот на оние кои ги осудуваат руските акции против цивилното население”.

-Во тој контекст, беше многу моќно она што го направи Србија минатата недела, на Генералното собрание на ОН. Огромното мнозинство на ОН ја осуди руската инвазија на Украина. Честитки за Србија. Мислам дека Србија може да се гордее што е дел од светската позиција која зборува против рускиот неиспровоциран напад врз Украина, кажа Донфрид.

Таа изјави дека Србија изразила силна желба за влез во ЕУ, што значи усогласување на надворешната политика со политиката на ЕУ како дел од пристапниот процес и дека Вашингтон е „особено загрижен поради дезинформациите што доаѓаат од руска страна, вклучително и платформите РТ и Спутник, и го повика Белград да одигра „конструктивна улога” во борбата против нив.

-САД се надеваат дека Србија ќе се усогласи со ЕУ и САД со тоа што ќе го спречи ширењето на руската пропаганда и дезинформации за нападот на Украина. Ние ја почитуваме српската неутралност, но има и други неутрални држави како Швајцарија кои зазедоа многу силен став против Кремљ.Ова време е за акција, а не за молчење, порача Донфрид.

На прашање на РТС дали Белград треба да го забрани емитувањето на руските медиуми во Србија, Донфрид кажа дека на српските власти е да одлучат какви чекори ќе преземат.

-Би сакала да ја истакнам нашата загриженост поради напорите на Русија да шири дезинформации и да ја охрабрам Србија да игра конструктивна улога во борбата против таквите дезинформации, додаде таа.

Донфрид изјави дека денес не е 1999 година и дека споредувањето на настаните во Украина со оние од 1990-тите во Србија е „погрешно, дури и опасно”.

За американскиот ангажман во украинската криза, Донфрид квели дека целта на САД е да се стави крај на војната во Украина, а не да се произведе уште поголема војна.

Американскиот претседател Џо Бајден „јасно стави до знаење дека американската војска нема да оди во Украина како дел од напорите во кои сме вклучени”, изјави таа и додаде дека САД и сите сојузници во НАТО „јасно кажале дека се подготвени да ја бранат секоја педа од територијата на НАТО земјите”.

-Доколку би имало руски напади врз членка на НАТО, тоа би значело дека Русија започнала војна со НАТО. Се надеваме дека ништо слично нема да се случи, оцени таа, и додаде дека САД веруваат да единственото можно решение за украинската криза е дипломатското, но дека Вашингтон нема да направи ништо поврзано со Украина, без согласност на Киев.

„Украинците се тие кои треба да ја водат дипломатската борба за ставање крај на конфликтот. Во оваа фаза нема планови за директни контакти меѓу руските и американските претставници“, рече Донфрид.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ДПА: Руските трупи напредуваат, а Зеленски сигнализира подготвеност за компромис

Следно

Разговор со Сања Ѓорѓева од „Dr. Goodnight“: Здравиот сон е најважен за човечкиот организам

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian