Украинските медиуми неодамна ја пренесоа веста дека жена во Киев соборила непријателски дрон – со зимница. Приказната стана хит на социјалните мрежи, но многумина мислеа дека се работи за измислица.
Но, украинскиот портал „LIGA.Life“ пишува дека успеале да ја најдат храбрата жена од Киев која тврди дека соборила руски дрон со тегла домати. Тоа се случило во зори. Олена седела на балконот и пушела.
„Видов дека нешто полека се движи. Прво помислив дека е повредена врана, но потоа слушнав зуење“, рекла Олена, која досега не видела дрон одблиску.
Размислувала да влезе во станот и да најде некое посоодветно „оружје“, но сфатила дека дронот ќе ѝ побегне. До неа на терасата имала тегла со кисели домати зимница.
„Веројатно ја фрлив теглата од страв. Се исплашив. Размислував што ако почнат да пукаат во мене! Но каква штета за тие домати…“, ѝ рекла таа на новинарката.
Visualisation of the act of bravery pic.twitter.com/Jjflz62M6j
— Liubov Tsybulska (@TsybulskaLiubov) March 7, 2022
„Не одам никаде. Ова е мојот дом“
Дронот паднал на земја пред куќата, а таа и нејзиниот сопруг побрзале да го изгазат и уништат она што останало од дронот. Иако на социјалните мрежи се проширија фотографии од наводната тегла кисели краставички со тврдење дека тоа било „оружјето“ на Олена, таа категорично демантира.
„Не знам од каде тие приказни за краставици, тоа беа домати. А не постојат снимки, не снимав, не е време за снимање“, вели оваа жена која е убедена дека беспилотните летала ги праќаат разбојници кои бараат празни станови.
Update, everyone. Our media found that lady. The story is proved. With a small correction: it was pickled TOMATOES. pic.twitter.com/UV5mqAEWLQ
— Liubov Tsybulska (@TsybulskaLiubov) March 7, 2022
Подоцна разговарала со нејзиниот поранешен сопруг кој ѝ рекол дека и тој забележал дрон во близина на неговата зграда.
„Го прашав што направил, а тој рече дека само ги повлекол завесите. Му реков дека е паметен“, се пошегувала таа.
Олена е родена во Лавов, но како што вели, Киев е нејзиниот роден град, каде што живее со години.
„Не одам никаде од Киев. Тоа веднаш го решив. Ова е мојот дом, мојата земја. Ќе стојам, ќе гризам, ќе се борам. Се што е потребно“, заклучила таа.