Украина да ѝ ги отвори очите и вратите на ЕУ!

6 mins read

Доколку има итно проширување поради војната, Македонија треба да биде прва на списокот земји што треба да станат членки на ЕУ, порача вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Проширувањето на Европската Унија по инвазијата на Русија во Украина повеќе не е политичко туку безбедносно прашање и доколку има итно проширување заради војната, Македонија треба да биде прва на списокот со земји, порача вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на редовниот брифинг со новинарите. Тој ја нарече „класична закана“ објавата на руската амбасада во Македонија дека ги следи и ги документира активностите против Руската Федерација. Во врска со вчера објавената руска листа на непријателски земји меѓу кои е и Македонија, Османи нагласи дека „нашата позиција за агресијата е јасно искажана и ние во координација со ЕУ, а не врз основа на билатерална одлука, ќе се придружиме на сите одлуки на ЕУ во осуда, но и во дефинирање на односот што ќе го имаме со Руската федерација“.

Проширувањето на ЕУ стана безбедносно прашање

Османи вчера повеќепати нагласи дека сè повеќе прашањето на проширувањето на ЕУ е безбедносно прашање, а тоа што Европа досега останала неконсолидирана, сега се покажува како слаба точка, кога треба да игра поважна геополитичка улога. Има рана, рече Османи, тоа е Западен Балкан и ЕУ затоа не може да влезе во геополитичкиот ринг со сите свои капацитети.

Министерот затоа бара забрзување на процесот на проширувањето, при што Македонија треба да биде прва.

– Не треба да се мисли дека сме несензитивни за тоа што се случува во Украина и мислиме на себе додека таму гинат цивили, но, ако сфаќањето дека проширувањето е безбедносна компонента, тогаш, ако сакаме да спречиме настани како во Украина, треба брзо да се донесат одлуки и тие треба да почнат од нас. Секоја смена на динамиката на проширувањето треба да почне од нас. Тоа и е најлесниот начин за забрзување на динамиката, со спроведување на веќе донесена одлука, па Северна Македонија, како земја што преговара со ЕУ, да придонесе за позитивно затворање и на останатите отворени прашања во регионот. За ова сè повеќе има согласност во Унијата, а се надевам дека ова прашање ќе добие и консензус – рече Османи.

На прашањето дали има безбедносни закани за Македонија шефот на дипломатијата вели дека нема кредибилни информации за директна закана во регионот, но контекстот, односите помеѓу земјите, отворените прашања, руското влијание и регионалните чинители кои сè повеќе се приклонуваат кон национализмот на сметка на европската перспектива, даваат аргументи да бидеме внимателни.

– Сметаме дека треба да се затворат отворените прашања. Покрај Босна, каде што ситуацијата е влошена, и односот Србија – Косово, има уште две, а тоа се блокираните пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија. Охрабрувањето на европерспективата ќе придонесе за безбедносна консолидација – порача Османи.

Нема датум за наредна средба

Министерот информира и дека продолжува интензивната комуникација со Софија, но засега нема закажано средба на работната група од МНР на техничко експертско ниво, затоа што нема нови опипливи моменти на политичко ниво.

– Со Бугарија комуницираме на политичко ниво, последна средба беше во Минхен, каде е изнесен предлогот со сеопфатен протокол да се дефинираат прашањата за деблокирање на нашите преговори. Елементите на тој протокол треба да се утврдат во наредниот период. Немаме датум за наредна средба. Ако има прогрес на политичко ниво, ќе свикаме состанок на експертско ниво, затоа што така и се договоривме, да имаме една рунда политички, па една рунда експертски разговори, за да имаме сеопфатен преглед на сите позиции – рече Османи.

Се евакуираат уште 43 македонски државјани

Од вкупно 120 граѓани од Македонија, од кои дел се украински граѓани, 20 го искористиле апелот и ја напуштиле Украина пред 24 февруари, а по воената инвазија 20 граѓани ја напуштиле земјата и веќе се пристигнати во земјава, информираше министерот Бујар Османи.

– Во активна евакуација се 43 македонски државјани и тие се на пат за излез од Украина. Од нив 25 веќе се во околните земји, додека 18 сè уште се во Украина, но патуваат кон границите во безбедни конвои – рече Османи.

Министерот не очекува дека сите македонски граѓани што ја напуштаат Украина ќе дојдат во Македонија, односно некои ќе останат во соседните земји.

Османи: Да се поттикне комуникацијата со руското општество

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на вонредниот министерски состанок на НАТО на 4 март поттикнал иницијатива да се направи обид за комуникација со рускиот народ, кој би го повикале да се здружат во осудата и спречувањето на воената агресија во Украина. Таа иницијатива, информира Османи, е споделена преку нон-пејпер од МНР до останатите држави во ОБСЕ, НАТО и ЕУ.

– Многу е важно да се мобилизира целиот свет против оваа нелегална и непровоцирана инвазија, која веќе во својата реторика употребува закана за употреба на нуклеарно оружје, што апсолутно не можеше да се замисли претходно – рече Османи.

Министерот, исто така, ги поканил на состанок колегите од земјите на Западен Балкан за да разговараат за ранливоста на регионот, предизвиците, можноста за бран на бегалци, како и за подобра координација и можноста да комуницираат во реално време во случај на каков било предизвик.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Оштетен нуклеарен истражувачки објект во Харков

Следно

Денеска во центарот на Скопје ќе се маршира за женските права

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian