Никој не побарал помош од МНР за дипломатска интервенција со цел враќање во татковината откако повеќе членки на ЕУ ги прекинаа летовите кон Русија и обратно.
Безбедни се повеќе од 200 македонски граѓани што во моментов се во Русија, дознава „Слободен печат“ од дипломатски извори. Засега никој од нив не побарал помош од Министерството за надворешни работи за евентуална дипломатска интервенција со цел враќање во татковината откако повеќе членки на ЕУ и НАТО ги прекинаа летовите на своите авиокомпании кон Русија и обратно.
Македонски дипломати преку македонската амбасада во Москва стапиле во контакт со дел од иселениците и ниту еден не побарал помош ниту, пак, пријавил некаков проблем со руските власти, откако и Македонија се приклучи кон земјите што воведоа санкции против Русија.
Од МНР пред неколку денови упатија апел до нашите граѓани што престојуваат на територијата на Руската Федерација да заминат од земјата и да ги искористат сè уште расположливите комерцијални летови, како и копнени и морски линии за напуштање на таа земја.
Државјаните на Северна Македонија, кои во моментов се наоѓаат во Руската Федерација, за поддршка можат да се јават на телефонски броеви на Амбасадата: + 74 99 124 33 57; + 79 58 643 34 63; или преку електронска пошта [email protected]; [email protected].
Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и на имејл-адресата [email protected]