Нутриционист Тања Турунџиева: При мигрена заборавете на зелениот чај, пијте чај од камилица

7 mins read

Болката не можеме да ја сместиме во категорија заболување, освен доколку не станува збор за мигренозна болка. Секој човек се соочил со главоболка, што всушност е последица на оптоварување или сигнал дека нешто не е во ред со организмот. Причините можат да бидат најразлични, а во одредени ситуации можеме да побараме помош во некои пијалаци (напивки) и во здрави производи.

Главоболките се почести кај жените. Докажано е дека жените почесто страдаат од главоболки од мажите. Кај жените, особено изразени се главоболките пред и во текот на менструалниот циклус, при што се појавува и зачестена желба и за нешто слатко. Но, очекувањето дека мигреналните болки и, генерално, симптомите на предменструалниот синдром (ПМС) ќе се ублажат со малку чоколадо е погрешно, бидејќи чоколадото влијае на интензивирање на главоболката, односно на мигрената, истакнува нутриционистката Тања Турунџиева.

Најчести причини за главоболка

Турунџиева посочува дека главоболките можат да бидат предизвикани од најразлични состојби и ситуации.

– Причини за појава на главоболка може да бидат промените на притисокот, континуираниот стрес, како и внесувањето на одредени нутритиви што му штетат на организмот, му создаваат интолерантност или алергија. Мигреналните главоболки, пак, можат да бидат условени и од генетски предиспозиции – вели нутриционистката.

Производи што треба да се избегнуваат

Покрај чоколадото, кое веќе го споменавме, храната и пијалаците што влијаат иритабилно на главоболката се сите пијалаци што содржат кофеин, како и пијалаците со вештачки засладувачи (аспартам и ним слични), црвеното вино поради големото количество сулфати во него, чадените меса и месните преработки, како и емулгаторот мононатруим глутаминат, кој се додава за подобрување на вкусот. Контрадикторно е што многумина кога имаат главоболка посегнуваат по кафе, но се случува сосема спротивниот ефект – премногу кофеински пијалаци може да предизвикаат главоболка, а не да ја решат.

– Доколку забележите дека по консумирање на одредени производи секогаш ви се појавува главоболка, потребно е да го ограничите или да го елиминирате нивното внесување, бидејќи интолеранцијата (неподнесувањето) или алергијата може да доведат до главоболки, без да покаже симптоми во дигестивниот систем – вели Турунџиева.

Нутритиви што ќе ја олеснат главоболката

Одредени хранливи производи ќе помогнат во надминување на главоболката. Некои од минералите што се познати за справување со стресот се магнезиумот и калциумот, како и витаминот Б.

– Во моменти кога страдаме од главоболка, најдобро би ни помогнало внесување нутритиви, коишто во себе ги содржат токму овие минерали и витамини. Тука спаѓаат лиснатиот зелен зеленчук, како и јаткастите плодови (сурови бадеми, лешници и ореви), што во себе содржат големо количество и на натриум и на калциум. Сепак, особено важно е да се внимава на односот на овие два минерала – треба да биде 2:1, односно треба да имаме двојно поголемо внесување калциум во однос на магнезиумот. Кај жените пред циклус, овој однос треба да биде обратен, односно да се внесува двапати повеќе магнезиум од калциум. Сепак, секогаш треба да се внимава, особено кај оние што го внесуваат магнезиумот во форма на суплемент (додаток) на исхраната, бидејќи вишокот магнезиум може да се контраиндицира врз функцијата на бубрезите – советува Турунџиева.

Кога зборуваме за пијалаци што би можеле да помогнат во случај на главоболка, порано се веруваше дека зелениот чај е тој што е најдобар, но, поради големото количество оксалати во себе, веќе се изоставува. Местото му го отстапува на чајот од камилица како број еден при изборот на чаеви што ќе помогнат при главоболка.

Нутриционистички препораки

Турунџиева вели дека сепак, доколку главоболката нѐ совлада, добро би било да се напиеме вода со неколку капки лимонов сок во неа, што ќе помогне да се прошират крвните садови. Потоа, потребно е да се внесуваат доволно течности во организмот, во форма на свежо цедени сокови и вода, бидејќи и при дехидратација може да се појави главоболка. Покрај јаткастите плодови, може да се внесуваат и семиња, како и многу свежо овошје и зеленчук, особено коренестиот зеленчук, кое во себе содржи етерични масла и има специфичен мирис; овој тип зеленчук во себе содржи големо количество магнезиум и витамин Б што има релаксирачко и антистресно дејство врз организмот.

Наоѓање на реалниот проблем зад главоболките

Балансираниот режим на исхрана и селектирање на производите што го тревожат организмот може да влијаат при главоболките, но доколку болката континуирано се повторува веќе подолг временски период, тогаш дефинитивно треба да се испитаат причините за таквата главоболка. Како податок, Турунџиева напоменува дека замастениот црн дроб, што почесто се појавува кај мажите, може да резултира и со главоболки. Воедно, честите главоболки можат да се појават и доколку немаме доволен проток на крв во мозокот, при состојба на спондилоза, затнатите или замастените каротиди и слично.

Уште една причина за зачестени главоболки е претоксицираноста на организмот. Во тој случај, Турунџиева советува дека треба да направите детоксикација на организмот со внес на големи количини свежо овошје и зеленчук, бидејќи тие се најдобри детоксикатори на нашиот организам и дејствуваат на нашиот метаболизам. Потребно е да внимаваме на внесувањето на мрсната храна, бидејќи и таа придонесува за појава на главоболка. Магнезиумот е еден од важните минерали против главоболка, но треба да се знае дека многу подобра е апсорпцијата на растителен калциум (го содржи суровиот сусам) отколку на калциумот од животинско потекло.

Сѐ на сѐ, главоболките и мигрените не треба да се препишуваат единствено на лошото време и при појава на следна главоболка едноставно да се земе аналгетик, туку треба да се побара стручна помош доколку се повторуваат главоболките и да се направат магнетни испитувања, да се консултира невролог. Во секојдневието треба да си зацртаме здрав и правилен режим на исхрана и со повеќе релаксација, придружено со физичка активност и спорт (внесувајќи доволно течности за да се надомести нивниот недостаток) да ги елиминираме причините и симптомите на главоболката, заклучува Турунџиева.

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ЕУ дипломати: Одлуката за кандидатурата на Украина не менува ништо за Западниот Балкан

Следно

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на жените

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian