Маричиќ: Забрзаното спроведување на реформите очекуваме да донесе напредок во евроинтеграцискиот процес

2 mins read

Да не го изгубиме овој моментум, да дадеме динамика на евроинтегративниот процес и да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста на регионот, но и на Европа, била главната порака од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во организација на Делегацијата на ЕУ, во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија.

Вицепремиерот Маричиќ, соопштија од СЕП, пред амбасадорите ги претставил и постигнатите резултати во евроинтегративниот процес и планираните активности во периодот кој претстои.

Маричиќ истакнал дека Владата активно работи на европската агенда и зацртаните приоритети, а паралелно се водат и преговорите со Бугарија во пријателска атмосфера за доаѓање до заедничко и заемно прифатливо решение. Изразил уверување дека плодовите од сегашната работа ќе дојдат во месеците кои се пред нас.

Во овој контекст, вицепремиерот Маричиќ рекол дека е крајно време сите да ги здружиме напорите и да се одржи поскоро меѓувладината седница за земјава да го започнеме патувањето кон полноправно членство во ЕУ.

Тој ги запозна амбасадорите и со активностите кои ќе ги реализира Секретаријатот за европски прашања во насока на спроведување на европските реформи, како и планирањата и програмирањето на развојната помош што ја обезбедува Европската Унија преку ИПА, како клучна во ефикасното спроведување на реформите.

Шефот на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир ја потврдил досегашната соработка и нагласил дека ќе продолжи поддршката на Унијата во реализирањето на реформите и евроинтегративниот процес на нашата земја.

Пред амбасадорите Маричиќ ја истакнал важноста од интегрирањето на земјите од Западен Балкан во европското семејство, за напредокот и за стабилноста не само на регионот, туку и на целиот европски континент.

– Она што го гледаме деновиве, со руската агресија врз Украина јасно покажа колку е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани. Ова беше позицијата што ја промовиравме во последните неколку децении. Северна Македонија заслужува отворање на пристапните преговори со ЕУ и покрај сè што се случува околу нас, ние сè уште имаме позитивна енергија и оптимизам за иднината на земјата како дел од ЕУ, рекол меѓу другото вицепремиерот Маричиќ.​

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Лапорта не се откажува од Суперлигата: Се бориме против УЕФА и државни клубови

Следно

Општина Карпош се вклучи во донација за основци од социјален ризик

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian