ЕУ сака да се осамостои целосно од рускиот гас

3 mins read

Европската комисија попладнево ја презентираше својата стратегија RePowerEU, со цел ЕУ да може целосно да се откаже од рускиот гас што побргу, јави дописничката на МИА од Брисел.

Стратегијата нуди низа мерки за справување со растот на цените на енергенсите и обезбедување залихи за следната зима, но Европската комисија самата предупредува дека ќе биде тешко.

-Тешко, ужасно тешко, но возможно е ако сме волни да одиме подалеку и побргу од порано, вака ја започна попладнево прес конференцијата потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.

Комисијата бара земјите членки на ЕУ да воведат диверзификација на изворите на енергија, да го забрзаат развојот на обновливите извори, да ги модернизираат системите, и со сите предложени мерки до крајот на оваа година да ја намалат побарувачката на ЕУ за руски гас за две третини.

Индивидуално, исто така, се информираат граѓаните и претпријатијата дека со намалување на температурата во зградите и домаќинствата можат да придонесат за намалување на зависноста од рускиот гас.

Сепак Европската комисија не оди до таму да бара целосна независост од гасот како енергенс. Потпретседателот Тимерманс на прес конференцијата рече дека гасот може да се смета за транзициски извор на енергија, но дека она што е важно е тој гас да не доаѓа од Русија поради конфликтот со Украина.

Русија моментално продолжува да ја снабдува ЕУ со гас и нафта.

Европската комисија исто така бара од земјите членки за следната зима да имаат залихи на гас во износ од 90 отсто.

Следниот месец Комисијата ќе предложи ново законодавство со кое ќе се наложи обезбедување на залихите со гас до први октомври оваа година, истовремено ќе се истражува однесувањето на Гаспром на пазарот и ќе се утврдува дали ќе прекршува правилата на конкуренција на ЕУ. Комисијата е подготвена и да го поддржи купувањето на гас преку заеднички набавки.

-Да се фрлиме на обновливата енергија со светлосна брзина. Обновливите се евтини, чисти и потенцијално бескрајни извори на енергија, и наместо да ја финансираме индустријата на фосилни енергенси на друго место, ќе се креираат работни места тука. Војната на Путин во Украина ја докажува итноста од забрзувањето на нашата транзиција кон чиста енергија, изјави Тимерманс.

Комисијата одби да ги коментира најавите за можно американско ембарго врз руската нафта, додека не биде донесена конечната одлука. Стравувањето е дека во случај на ембарго, одговорот на Русија би бил пожесток. (МИА)

kurir.mk

Претходно

Обид за грабеж на обложувалница во Скопје

Следно

Црна Гора за месец и половина доделила 43 почесни државјанства, најмногу на Руси

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian