Демократски сојуз одговори на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ

4 mins read

Веќе два месеци откако дојде за директор на ЈП „Градски паркинг”, несудениот разузнавач, пропаднат полицаец, Бојан Христовски, не се занимава со ништо друго туку со сплетки и интриги во претпријатието, со врбување кодоши и пресметка со претходното раководство. Директорот Христовски владее тотално незаконски во претпријатието, менува шефови без почитување на законот и актите на ЈП „Градски паркинг” и без процедура, именува раководители без интерен оглас, носи лица на раководни позиции кои им издаваат наредби и задачи на вработените, иако самите не се вработени во ЈП „Градски паркинг”, реагира Демократскиот сојуз.

Партијата смета дека ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицковски, чиј кадар е директорот Христовски, не може да направи никаква успешна приказна откако ја презеде власта во Градот Скопје и во повеќето општини во Македонија, па се обидува со конструкции и измислици, со полуинформации и подметнувања да го претстави Демократскиот сојуз како партија која е божем олицетворение на криминалот.

-Но очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ и партискиот портпарол Наум Стоилковски, кој му посвети на работењето на ЈП „Градски паркинг” дури 5 прес-конференции, додека говорат за наводните незаконитости во минатото, всушност се гледаат во огледалото и говорат за себе и за сопствената партија, соопштуваат од ДС.

Оттаму потсетуваат дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, над 100 партиски членови, ќерки, синови, снаи, братучеди на раководството на партијата на Никола Груевски, се вработени во ЈП „Градски паркинг”.

-За тоа постојат списоци, со кои нема потреба да ја вознемируваме јавноста. Но лицемерие од највисок вид е, што партијата која вработи 80.000 свои членови и цели семејни стебла на раководството во најбогатите државни претпријатија, ЕЛЕМ, МЕПСО, АЕК, Агенцијата за цивилно воздухопловство, МНАВ, регулаторните тела и државните комисии на високо платени позиции, си зема за право да дели лекции и да обвинува други и тоа Демократскиот сојуз, партија која нема никаква дамка во работењето во минатото, партија која е автентична и препознатлива во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Но јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна за ништо друго освен, во мисијата за заштита на сопственото поранешно и дел од сегашното раководство од долгогодишни казни затвор, на кои некои се веќе осудени, а против стотици други членови се водат кривични постапки, се занимава со лажно обвинување на сите други партии дека се занимаваат со криминал, сакајќи да создаде привид во јавноста дека сите се исти, потсетуваат од партијата.

Оттаму напоменуваат дека за време на раководењето на Борче Јакимовски, кадар на Демократскиот сојуз, ЈП „Градски паркинг” постојано работеше со добивка, а крајот на минатата година ја заврши со повеќе од 500.000 евра на тековната сметка, кои му останаа на располагање на директорот од ВМРО-ДПМНЕ.

-За жал, нагонот за деструкција на партијата на Христијан Мицковски, нема намера да им нанесе штета само на своите политички противници и на партиите како Демократскиот сојуз. Со својата деструктивна политика, ВМРО-ДПМНЕ и нанесува огромна штета на државата, како што беше случајот со теренското лобирање против излегување на пописот, поради што повеќе од 150.000 Македонци останаа непопишани. На тој начин „најмакедонската партија” одработи директно против македонскиот идентитет, што ќе има далекусежни последици за етничкиот баланс во државата, реагира ДС.

ВМРО-ДПМНЕ  обвинува дека Демократски Сојуз со години го имал ЈП Градски паркинг во Скопје како „клон на партиското седиште во коешто се вработувани највисоки партиски функционери и нивни семејства и нивни блиски“ и  објавија десетици имиња за кои тврдат дека се роднини и блиски на Павле Трајанов претседател на Демократскиот Сојуз, како и на Владимир Кроневски член на претседателството на Демократскиот Сојуз, а податоците ги добиле од укажувачи.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фудбалерките на Барселона и Реал Мадрид ќе играат пред рекордни 100.000 гледачи

Следно

Уапсен маж од ресенско, од картичка на скопјанка потрошил 62.000 денари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian