Арсовски: Мора да ги следиме европските санкции кон Русија, па и на своја штета

2 mins read

Македонија и нема друг избор, освен да ја следи ЕУ во сите одлуки што Унијата ќе ги донесе за Русија, па и на своја штета, оценува аналитичарот Петар Арсовски откако вчера Москва ја стави нашата земја на списокот со непријателски земји, заедно со останатите држави кои воведоа санкции кон Русија по инвазијата врз Украина.

– Тоа што Русија ја стави Македонија на листата на непријателски земји е очекувано и тоа ќе донесе пред сè економски и дипломатски последици, а секако ќе има и безбедносни импликации. Економските последици најмногу ќе се почувствуваат во смисла на трговијата, транзитот на стока итн. Дипломатските последици, пак, ќе траат долго и ќе поминат години пред да се нормализираат односите на Македонија со Русија. Но, ние не можеме да водиме билатерална политика кон Русија, освен да се приклониме кон санкциите на ЕУ и на НАТО. Нема многу простор за неврзани политики низ светот, гледаме дека и Србија се приклучи кон осудата на руската инвазија на Украина при гласањето на Резолуцијата во Генералното собрание на ОН, вели Арсовски за „Слободен печат“.

Според него, некои земји од ЕУ се двојат и не ги превземаат истите санкции кон Русија, како на пример Унгарија, која не им дава оружје, затоа што можат да си го дозволат како членки на ЕУ.

– Ние немаме избор. Ние ќе ги следиме санкциите, па и на своја штета. Евентуално може подоцна да бараме обештетување од НАТО и од ЕУ за евентиуалните последици од овие санкции, но не очекувам дека нешто ќе добиеме, вели Арсовски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Украинци обвиниле новинари од Јужна Америка дека се шпиони, се спасиле поради Меси и тетоважа на Марадона

Следно

Вознемирувачки фотографии од евакуацијата во Ирпин

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian