Интервју со Светлана Црнокрак: Диета со гладување – НЕ

11 mins read

Светлана Црнкокрак важи за жена со неприкосновена убавина, препознатлива по својата гламурозност и со богата кариера во светот на модата достојна за почит. Светлана, меѓу другото, е посветена сопруга и мајка на две ќерки, која успешно ги менаџира и деловните и семејните обврски. За неа, правилниот начин на исхрана и физичката активност се столб на одржувањето на здравиот живот.

Фото: Приватна архива

Со Светлана разговаравме за тоа како се грижи за своето здравје, дали практикува диети, дали има некои ритуали при јадењето, за нејзината омилена и не баш омилена храна…

– Еден од најважните фактори за здравјето на човекот е начинот на исхрана. Живееме во време кога буквално сѐ ни е достапно, почнувајќи од нутриционистите преку кои дознаваме и се едуцираме за правилен начин на исхрана, па сѐ до намирниците и начинот на нивно подготвување. Се сеќавам како малечка дека имаше некои намирници, на пример, од овошјето бананите или ананасот кои беа „луксуз“ да ги купи секој, затоа што беа поскапи во однос на цената на другите производи, но и поради фактот што не беа достапни насекаде за да се купат. Во денешно време, има буквално сѐ да се купи – вели Светлана.

Клучот е да не се мешаат јаглехидрати и протеини

Светлана наведува дека реално, здравиот начин на исхрана и не е така евтин за да може да си го дозволи секој човек, но сепак, дека постојат намирници и производи што можат да се заменат, бидејќи според неа, поважен е начинот на консумирање и немешањето на храната.

– Според тој принцип, всушност, и јас се хранам. Се трудам колку што можам тоа да биде поедноставно и свежо. Така и готвам дома. А, тоа значи да не се мешаат протеини со јаглехидрати, туку секој за себе во комбинација со салата. Ако денес сум решила да приготвам месо, тоа би го комбинирала со печурки во некој сос, но никако во комбинација со компир или ориз. Додека пак, компирот или оризот, гравот, леќата ги подготвувам без месо со многу зеленчук и, се разбира, задолжително свежа салата. Овошје консумирам секое утро, обично правам микс од овошна салата пред да почнам да го пијам кафето. Потоа, грицкам неколку јаткасти плодови, најчесто пет бадеми несолени и непечени за енергија во комбинација со лажичка мед. Потоа, земам неколку урми или суви смокви кои, исто така, се доста здрави, а и ја надополнуваат енергијата и го хранат организмот. Научив многу работи за начинот на исхрана, како од нутриционисти така од интернет. Сепак, не би можела да се придржувам според некои строго напишани и конкретни правила, но барем ги почитувам правилата на здрав начин на исхрана – вели Светлана.

Повеќе гладна отколку сита

Инаку, што се однесува до практикувањето диети, Светлана отворено вели дека во животот повеќе била гладна отколку сита.

– Уште како девојка сум била склона на тоа дека и вода да се напијам ќе се „фати“ за мене, а не храна… па решението го гледав во диетите. Мислам дека сум ги испробала сите можни диети. Се сеќавам како средношколка и кога одев на училиште, во текот на одморот помеѓу часовите другарките јадеа тостови и сендвичи, а јас носев од дома некоја чорба со магдонос и си ја јадев. Буквално секогаш бев ненајадена. Во тоа време не беа актуелни нутриционисти, немаше интернет и слично, туку ги применувавме диетите што ќе ги слушневме или по препорака од некого. Но, сега работите се сменети. Според мене, диетите со гладување и неконсумирањето доволно храна се нездрав начин на исхрана кои негативно делуваат и на физичкото и на психичкито здравје. За мене, диета претставува консумирање здрава храна, добро искомбинирана и надополнета со физичка активност. Вака секогаш ги советувам нашите членови во агенцијата кои имаат поголема килажа и сакаат да ослабат, да практикуваат диета, но не со гладување, туку да ги исфрлат сите нездрави намирници и брзата храна и да се хранат здраво. Тоа треба секој човек да го практикува, без разлика дали треба да ослабне или не. Тоа е начин на здрав живот. Затоа ќе повторам, диета со гладување – НЕ, туку правилно консумирање здрава храна.

Фото: Владо Георгиев

Здравјето е потполно кога сте и физички активни

Светлана напоменува дека физичката активност е една од најзначајните карики за здравиот начин на живот. Спортот е дел од неа уште од малечка.

– Играв фудбал, тренирав кошарка, гимнастика, скијав… Го сакам спортот, спортувам и се трудам да најдам време и за тоа. Кога се сака, сѐ се може. Со доаѓањето на пролетта, велосипедот ми е најдобар другар буквално за секоја дестинација во градот, а кејот е неизбежен, исто така трчам, пливам… Во зима го заменувам со статичен велосипед и со скијање. Физичката активност е важна за здравјето на човекот надополнета со здравиот начин на исхрана. Не само што влијае и на физичкиот изглед, туку и ментално, ослободува од стрес и сите други негативни влијанија насобрани од текот на денот.

А, како успева да го балансира одржувањето на здравјето и здравите навики со секојдневните обврски, Светлана вели дека во зависност од обврските се труди да најде време за себе.

– Повторно ќе кажам дека кога се сака сѐ се може, само треба добра организација. Без разлика на сите обврски било работни или домашни, секогаш треба да најдеме време и за себе. Тука најмногу влијание има семејната поддршка, што јас секогаш ја имам. Кога децата беа помали, се организиравме со Мики и со бабите, но сега кога веќе се возрасни, е полесно. А, и тие веќе си практикуваат своја спортска активност. Моника редовно вежба и посетува теретана, а Нина тренира одбојка и лизга на мраз. Секако, скијањето е неизбежно за сите нас.

Омилена и не баш омилена храна

– Што се однесува до изборот на храна, мислам дека не постои нешто што не би го јадела. Буквално сѐ сакам да пробам. Инаку, омилена ми е морската храна, рибата и морските плодови. Ги сакам и тестенините и месените јадења, но некако ги избегнувам од причина што се нездрави, а и покалорични. Исто така, ја обожавам пиперката и секое јадење што се приготвува со пиперки – пинџур, ајвар, лутеница, полнети пиперки, пиперки со лук… Лукот и кромидот ми се неизбежни во подготвувањето на храната, иако имам забелешки дека пречи на мирисот, а за тоа најчесто Мики знае да се побуни, но поради фактот дека е многу здрав и треба редовно да се консумира, успевам барем малку да го сокријам при подготвувањето во храната. Во однос на изборот на храна што ја приготвувам дома, практикувам, како што кажав претходно, да нема мешање на протеини и јаглехидрати. Често готвам грашок, гравче, леќа, месо печено или динстано, никако пржено, а рибата е застапена барем два пати неделно во нашата кујна. Избегнувам пржена храна, во принцип не ја сакам, а и воопшто не готвам таков вид храна. Секако, кога сме на патувања, кога престојуваме во хотели или на некои прослави, а и во деновите на празници си дозволувам повеќе да каснам, но, тоа го компензирам отпосле со чистење на организмот, што се состои во следново – барем еден цел ден консумирање само зеленчук и овошје и вежбање, се разбира.

Светлана исто така напоменува дека во денешно време на дофат ни е секоја храна, но најважно е што и на каков начин ја внесуваме во организмот.

Инаку, Светлана практикува да јаде полека, едноставно сака да ужива во храната. На крај, оброкот го завршува задолжително со чаша црвено вино.

– Консумирањето чаша црвено вино има здравствени придобивки. Не за џабе го нарекуваат „пијалак на боговите“, но секогаш кога се консумира умерено т.е. една чаша – заклучува Светлана.

Фото: Бојан Стоилкоски

Рецепт

Школки во бело вино со динстан ориз

Светлана сподели нејзин омилен рецепт  –  едно од нејзините омилени јадења.

– Не го практикувам често бидејќи во него има мешање на протеини со јаглехидрати, но толку е вкусно што барем еднаш месечно не можам да му одолеам – вели Светлана.

Состојки:

– една ќесичка смрзнати чистени школки
– морков
– кромид
– лук
– лимон
– сок од патлиџан
– зачини
– чаша бело вино
– 200 гр ориз
– сечкан магдонос
– бибер

Подготовка:

Се сецка главица кромид не многу голема, се ренда еден морков и се ставаат заедно да се пропржат. Се додаваат школките, сок од еден патлиџан или малку кечап, сецкано лукче, малку сок од лимон, зачин по вкус и чаша бело вино. Сето тоа се динста 15 минути на тивок оган.

На страна се вари ориз со малку зачин.

Потоа се сервира – прво оризот и се прелева со школките.

Прекрасно и превкусно. Пробајте!

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Владата и Парламентот на БиХ останаа без греење поради скокот на цените на енергенсите

Следно

Првиот човек на италијанскиот фудбал Гравина се плаши од Македонија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian