Граѓани на Кочани: Не е виновен „Пејпер мил“ туку тие што му дозволуваат да не труе!

5 mins read

Да се ревидира А-еколошката дозвола издадена на фабриката, како гориво таа да користи исклучиво метан, а не пелети од сончогледова биомаса, аерозагадувањето да се мери исправно, а не во договорени термини, и да почне мерење на загаденоста на отпадните води.

Под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти!“ неколку стотини жители на Кочани во саботата излегоа на мирен протест пред фабриката за рециклирање на хартија „Пејпер Мил“, за да го искажат незадоволството од загадувањто на воздухот во градот од фабричкиот оџак и неангажираноста на институциите за решавање на овој повеќегодишен проблем на градот.

Со транспаренти и автомобили, граѓаните прво ја блокираа едната коловозна лента на булеварот „Тодосија Паунов“, од каде се упатија кон влезната капија на фабриката и ги прочитаа своите три барања до менаџментот на компанијата и надлежните институциите – Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина.

„Првенствено е ревидирање на А-еколошката дозвола издадена на фабриката. Второто барање е да се инсталира станицата за пречистување на отпадни води, која повеќе од две години не е инсталирана, а е основ за добивање на лиценца од А категорија. И нашето последно барање е до Локалната самоуправа на Кочани, да постави мерач на загадување на воздухот во близина на фабриката. До колку нашите барања не се исполнат во рок од 30 дена протестите ќе се радикализираат“, соопштија иницијаторите на протестот.

На протестот беше побарано во иднина како енергенс фабриката да користи исклучиво метан, наместо пелети од сончогледова биомаса.

– Уставно право на секој човек е да дише чист воздух, но за жал, ние во Кочани тоа право го немаме. Државата направила голем пропуст со тоа што издала еколошка дозвола според која максималната граница за испуштање штетни честички е 150 милиграми на кубен метар, а знаеме дека според сите светски стандарди таа не смее да биде над 50 милиграми. Дополнително, ниту тие параметри не се почитуваат, а според нашите сознанија се испуштаат количини и до 400 милиграми. Затоа, бараме да се направи целосна ревизија на дозволата, а „Пејпр мил“ во иднина исклучиво да користи метан, ако сака да продолжи со работа – истакна Орце Николов, граѓански екоактивист од Одборот за здрав живот во Кочани.

Директорот на државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковки неодамна, на состанок со граѓаните посочи дека последните мерења во декември и јануари спроведени од инспекторатот покажале дека нема надминувања на емисиите, односно „Пејпер мил“ испуштал од 36 до 120 микрограми прав на метар кубен воздух, а според А-интегрираната дозвола може да испушта до 150 микрограми.

Присутните на протестот нагласија дека веќе не им веруваат на податоците од надлежните институции, а побараа да се врши контрола и на отпадната технолошка вода од „Пејпр мил“.

– Инспекциските мерења на испуштањето штетни честички во воздухот се прави според однапред договорени термини со фабриката, за да се добијат поволни резултати. Почнавме судска постапка пред две години, но и таа заглави во правните лавиринти. Проблем е и отпадната вода што се испушта во реките и ја загадува почвата и земјоделските површини. Суштината на проблемот со загадувањето не е во „Пејпр мил“, туку кај надлежните инстанци, а таму е и неговото решение – истакна Ефтимиј Атанасовски, граѓански екоактивист.

Во декември 2020 година Државниот инспекторат за животна средина ја казни фабриката со 20.000 евра поради надминување на дозволените емисии на ПМ10  честички и јаглерод моноксид. „Пејпер мил“ привремено ја затвори фабриката и постави нови филтри, по што, според граѓаните, загадувањето се намалило, но потоа малку по малку, повторно се зголемило како претходно.

Од Одборот за здрав живот во Кочани порачаа дека овој протест е само почеток на подолготрајна и поупорна борба против сите загадувачи на животната средина. Помош за добивање на своите права граѓаните бараат од странски амбасади и институции, а собираат потписи за покренување постапка и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Љубовницата на Путин и нивните деца се кријат во Швајцарија?

Следно

Не сме против урбанизација, но мора да се спроведе на хуман начин, смета Муцунски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian