Доктор Елена Арсова, трихолог: Три најчести форми на опаѓање на косата

4 mins read

Косата е важен дел од изгледот на секоја личност и се смета за еден од симболите на убавината. Бујна коса полна со волумен е знак за здравје и младост, а аналогно на тоа, опаѓањето на косата влијае на понискиот психосоцијален статус и квалитетот на животот.

Мал број дерматолошки состојби предизвикуваат толку емоционални проблеми како и опаѓањето на косата, како кај мажите така и кај жените, објаснува д-р Елена Арсова, трихолог.

– Како и кај секој медицински проблем, пациент кој има проблем со опаѓање на косата бара земање сеопфатна медицинска и фармаколошка историја, физички преглед на косата и скалпот и адекватни лабораториски анализи, за да се утврди причината за опаѓањето – тврди д-р Елена и додава:

„Опаѓањето на косата има комплексна и мултифакторна природа. Најчести форми на ќелавост се наследното опаѓање на косата, телоген ефлувиум и алопеција ареата. Додека кај мажите доминира наследниот фактор, кај жените најчесто се појавува телоген ефлувиум.“

Наследно опаѓање на косата

Генетскиот код за опаѓање на косата е запишан во клетките на фоликулите на влакната, но за да се активира генетската порака, потребни се андрогени хормони, па тука доаѓаме до друг фактор за опаѓање на косата. Главниот хормон за опаѓање на косата е дихидротестостерон или ДХТ, кој кај жените се врзува за коренот на влакното и им дава сигнал на клетките на фоликулите да работат помалку. Овие „мрзливи“ клетки произведуваат тенко и слабо влакно, а со текот на времето тие целосно престануваат да работат.

Телоген ефлувиум

Телоген ефлувиум (telogen effluvium) е губење на косата кое дава сериозно опаѓање на косата, до 200-300 влакна дневно. Се појавува поради различни здравствени фактори, како што се недостаток на железо, нерамнотежа (дисбаланс) на тироидните хормони, породување, менопауза, диети, операции, инфективни процеси, голем стрес, земање одредени лекови…

Во поново време, коронавирусот е една од причините за ефлувиум. Може да биде акутен или хроничен. Кај телоген ефлувиум, голем број влакна (до 30 отсто) нагло влегуваат во фаза на опаѓање.

Стресот е исто така честа причина поради која доаѓа до опаѓање на косата. Кортизолот е хормон кој се зголемува поради стресот, ги оштетува протеогликаните и околу косата. Протеогликаните се важни протеини за влакното и за неговото функционирање. Како резултат на стресот и зголемениот кортизол, се активира опаѓањето и проретчувањето на косата.

И секако лошата исхрана, која содржи малку протеини и хранливи материи, пушењето, алкохолот, несоницата, се дополнителни фактори кои предизвикуваат опаѓање на косата кај мажите.

Алопеција ареата

Алопеција ареата (alopecia areata) или опаѓање на косата во печати е автоимуно губење на косата поради формирање на антитела против сопствените влакна. Антителата го прекинуваат циклусот на раст на влакното и доведуваат до опаѓање на косата. Причините за појавата на оваа алопеција не се целосно објаснети.

Генетскиот фактор игра улога особено кај поагресивната форма на алопеција. Предизвикувачки (тригер) фактор може да биде некој инфективен фокус во организмот или неодамнешна заразна болест, друга автоимуна реакција најчесто хипотироидизам, посилни алергиски реакции или склоност кон алергии и повторно стресот.

Предуслов за обезбедување на соодветна нега за пациентот е разбирањето на патолошката динамика на опаѓање на косата и потенцијалните причини за опаѓање на косата. И затоа само лекари трихолози можат да ви помогнат во случај на опаѓање на косата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Најстудено на Попова Шапка, најмногу снег во Маврови Анови

Следно

Влада најави нови мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian