Фудбалерите на Атлетико Мадрид победија на гостувањето кај Бетис со 1:3 во рамки на 27 коло од Ла Лига и најавија неизвесна трка за пласман во Лигата на шампионите.
Атлетико по победата има 48 бода и се наоѓа на делба на третата позиција на табелата со Барслона, додека Бетис е петти со 46 бода, Реал Сосиедад има 44, а Виљареал е седми со 42 бода и шанси да дојде до четвртото место кое носи во ЛШ.
Херој на Атлетико е Жоао Феликс кој постигна два гола и во два наврати му носеше предност на својот тим.
Првиот гол го постигна во втората минута, додека Бетис дојде до израмнување во финиш од првиот дел преку Кристијан Тељо. На стартот од вториот дел, Тељо имаше шанса да му донесе предност на Бетис, но не ја искористи. Затоа Феликс ја искористи својата шанса во 61 минута и повторно му донесе предност на својот тим. Конечниот резултат го постави Тома Лемар во 80 минута.
Претходно, луд натпревар на кој беа постигнати седум гола одиграа Селта и Мајорка и кој и припадна на домашната екипа со 4:3. Голот вреден три бода го постигна Иако Аспас во седмата минута од судиското продолжение.